Вести Македонија

Судењето на Павле Богоевски е одложено за 21 декември

Сподели:

pavle-bogoevski-sud

Денешното рочиште за судењето на активистот на „Шарена револуција“, Павле Богоевски, беше одложено за 21 декември затоа што адвокатот на обвинетиот побара разумен рок да го анализира доказот што денеска беше додаден во листата на докази.

Доказот е вештачење од Бирото за судски вештачења за вредноста на предизвиканата штета врз Министерството за култура.

Наместо Богоевски, кој е и кандидат за пратеник на листата на СДСМ во првата изборна единица, изјава даде неговиот колега од „Шарената револуиција“, Демијан Хаџи-Ангелковски.

Според Хаџи-Ангелковски, кој е еден од сведоците на одбраната, со одложување на рочиштето продолжува голготата на Богоевски во „корумпираниот судски систем“.

Адвокатот на Богоевски, Сашо Дуковски, рече дека вештачењето го добиле денеска, иако било изработено на 10 мај, а во обвинението не ја пишува висината на штетата.

– Спротивно на минатото рочиште, кога се бараше претставник на Министерството за култура, денеска добивме само писмен допис за направено вештачење за наводна штета што не можам да го коментирам затоа што треба да го анализираме и да заземеме став. Треба да се види дали е релевантно, дали е подготвено и дали е нарачано од овластен орган, а за тоа ќе ни треба време. Во однос на штетата, не би сакал да коментирам. Видов некои нули по многу ставки, но допрва ќе треба да видиме за што станува збор. Судот не е виновен за одложувањето затоа што и тие денеска го добија вештачењето – рече Дуковски.

Пред почетокот на судењето, пред Кривичниот суд беа собрани група луѓе во знак на поддршка за активистот Богоевски.

meta.mk

Сподели: