УПЛАВ ОД ГРАЃАНСКА ДРЖАВА! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

AJANOVSKI

Истиот ден кога светот беше шокиран од изборот на Доналд Трамп за американски претседател, сличен потрес се случи и на македонската политичка сцена: најголемата опозициска партија од својот партиски конгрeс, прокламира решеност во соборувањето на режимот на Груевски, да тргне во изградба на мултиетничко граѓанско општество во кое што повеќе ќе нема место за теснопартиски конструкции и системи на владеење, туку широко отворени и максимално форсирани демократски проекти за еднаквост, рамноправност и слободи на сите граѓани. А, тоа значи, освоената власт да биде целосно ставена во служба на елиминирање на досегашната партизација, хармонизација на меѓуетничките односи, економско-социјална и правна безбедност за секој човек, а над се`, втемелување на цврсти демократски инструменти кои што ќе оневозможат во иднина било какви пројави на политички самоволија и незаконитости.

Искрено кажано, храбар проект, да не кажеме до некаде и утопистички од аспект на досегашните сфаќања за практикување на власта, кој што уште од стартот носи ризик да биде прогласен за неостварлив, бидејќи тешко може да се поверува дека во една демократски закржлавена држава, каква што е нашата, тој концепт може да заживее и да успее. Уште повеќе ако се знае дека и самата партија која што го прокламира, заедно со нејзините опозициски партнери, се уште не се внатрешно престроени и оспособени да изведат еден таков крупен демократски потфат.

Тоа впрочем се покажа уште при составувањето на изборните листи, кога дел од конгресните делегати и функционери, бурно реагираа што на нивните места се најдоа одделни преориентирани опозиционери од други политички партии кои до неодамна беа поддржувачи и агитатори на актуелниот режим, но и претставници од повеќето етнички заедници, со чие приклучување требаше конкретно да се манифестира партиската подговтвеност за промени во нејзиното натамошно дејствување. Изненадува што некои од првите заговорници на потребата од создавање на најширок опозициски фронт, чија главна цел ќе биде пред се` соборувањето на груевистичкиот режим, независно од нивните претходни политички определби, станаа најгласни критичари на тоа опозициско обединување, сметајќи дека е недостојно и понижувачки за угледот на СДСМ изборно да сојузира и со личности, кои што во последен момент му завртиле грб на Груевски и сега настапуваат како негови противници. Заборавајќи притоа, дека сите поранешни политички проценки укажуваа дека самиот СДСМ, без широко опозициско и граѓанско здружување не ќе биде во состојба да ја порази актуелната власт. И што е многу поважно, дека заедничкиот изборен настап не претставува никаква обврска за било која партија во постизборниот период да одредува и спроведува своја независна програма и политичка ориентација. Инаку, од аспект на тој морален принцип, исти такви забелешки би можеле да се однесуваат и на некои други коалициони партнери како што е Тито Петковски и неговата партиј,а или ЛДП, кои што своевремено го помогнаа устоличувањето на Груевски, но по согледувањето на неговата поразителна политика станаа негови најлути критичари. Во тој смисол, прифатот на Лилјана Поповска и на професорт Ферид Мухиќ, па и на еден крајно нестабилен и сомнителен политичар како што е Драгиша Милетиќ треба да се третира како наметната неопходност во обединувањето на режимските сили. Разбирливо, доколку нивното пристапување не било условено со барања што би ја компромитирале изборната стратегија на СДСМ.

Од друга страна, владејачката ДПМНЕ и нејзиниот медиумски оркестар, граѓанскиот модел го дочекаа на нож, претставувајќи го како крунски доказ на наводната антимакедонска политика на Заев. Стимулирајќи висок национален набој меѓу своето членство, тие го обвинија опозицискиот лидер дека отворено работи на разнебитување на државата, при што неговите заложби за воведување на двојазичност се првиот чекор кон федерализација на Македонија, со намера и преку уставни промени да го поништи нејзиниот унитарен карактер. Со веќе познатите хистерични повици за национална загрозеност и за општонародна мобилизација за спас на државата, Груевски фактички се обиде во последен момент да ги амортизира барем до некаде ефектите од најновите истраги на СЈО и целото внимание на јавноста да го пренасочи кон “велепрадавничките” планови на Заев, како главен адут во неговата извборна кампања.

Сета таа панична врискотница околу граѓанскиот проект за жал, влијаеше и во одделни кругови во опозицијата да се појават одредени дилеми, за тоа дали непосредно пред изборите Заев требало да излезе со вакви определби, овозможувајќи му на режимот подмолно да манипулира со неговите цели и дали воопшто е дојдено времето и се создадени услови за преод кон граѓанска држава.

Во секој случај, предизвиците навистина не се мали но, историски гледано, сите крупни реформи и промени би биле дочекувани со отпори и недоверби и само храбри лидери кои верувале во нивната оправданост, успевале да ги спроведат. Во своите јавни настапи самиот Заев не крие дека се зафаќа со тешка и неизвесна мисија, но е решен по цена и на личен политички дебакл, до крај да се бори за нејзиното остварување. Бидејќи, како што вели, силно верува во вредностите на тој концепт и е убеден во неговиот краен успех. Затоа и инсистира: без одлагање, без тактизирања и политички калкулации, сега е моментот Македонија да тргне во освојувањето на својата демократска и проевропска иднина.

Но, дали Македонија е спремна за еден таков историски подвиг? Дали довербата на Заев во македонската демократска зрелост била оправдана и базирана врз реални очекувања?

На одговорот не ќе се чека долго. Веќе на 11 декември, граѓаните ќе мора да се определат: и натаму лутање по балканските магли или пак, живот во современа држава во која што тие не само што слободно ќе ја избираат власта туку и ќе заповедаат со неа и со нејзините институции во остварувањето на своите граѓански права и интереси.