Колумна Текстови

Таен план на Груевски: Мртвите да оживеат! – Сашо ОРДАНОВСКИ

Сподели:

„Планот им е луѓе да гнијат по притвори и затвори, да не излезат од судници, да одговараат за конструирани работи, судиите да судат без докази како што ќе им се каже, медиумите да го оправдуваат сето тоа. Ќе се уништуваат и оцрнуваат личности, семејства, луѓе, партии и сè што е на патот на оваа марионетска власт.“

Вака говореше Грујо во четвртокот, во Интервју за „Република“.

Вечерта истиот ден, пак, во објектот на Фиат Цановски на Универзитетот ФОН – веднаш преку пат на неговата зграда што Груевски „правно“ му ја дигна во воздух со експлозив – се одржа промоција на книгата „Живот во кутија“ на колегата Томислав Кежаровски за неговите затворски искуства поминати во занданите на минатата власт. Во големата сала имаше стотици присутни од кои половината, на моменти, не можеа да ги скријат солзите заради последиците, доловени од промоторите и раскажани од авторот на книгата, од проектот на Груевски со кој „се уништуваа и оцрнуваа личности, семејства, луѓе“ – патем, личностите, обично, се луѓе – според планот „луѓе да гнијат по притвори и затвори, да не излезат од судници, да одговараат за конструирани работи, судиите да судат без докази како што ќе им се каже, медиумите да го оправдуваат сето тоа“…

А Груевски во интервјуто уште злокобно и порачува, веројатно подучен од сопствените искуства, дека „орото се врти“ и дека сѐ е минливо и менливо. Овој пат не спомна дека „вистината е како шило“, но претпоставувам дека тоа ќе биде лајт-мотивот во наредното негово интервју.

Најголемиот, еуфоричен аплауз во салата кај Кежаровски, пак, ја предизвика констатацијата на еден од промоторите: „Че си лежите!“

Другото што го кажа Груевски во интервјуто е познатата македонска патриотска висококалорична мешавина на лук и вода, посветена на меѓународниот заговор за уништување на Македонија, чија жртва морал – оти имало снемено други „геостратегиски“ варијанти! – да биде самиот тој. И погледајте ја оваа епохална плиткоумност: „За жал, колку и да заплашуваат и замолчуваат, апсат или поткупуваат, конфликтноста во македонското општество ќе расте, колку и времено некој сето тоа да го поттисне и умртви преку втерување страв“…

Ништо не разбирам: што е тука „за жал“? Тоа што се втерува страв? Тоа што конфликтноста во македонското општество ќе расте? Тоа што е нејасно кој е тој „некој“? Или тоа што, со страв и потиснување, конфликтот се одложува и умртвува „времено“?

Всушност, Груевски („за жал“) верува дека Македонија е неодржлива мултиетничка држава, во која конфликтот е само времено одложен (плус и „умртвен“). Тоа го мислеше и Љубчо Георгиевски пред 15 години, кој и се потпиша под ставот дека Македонија треба етнички и географски да се подели. И тогаш и сега истата политичка платформа (споделувана и од албанските националисти) беше поразена – да, со помош и на меѓународната заедница. Тогаш низ воен конфликт, сега со директен и убедлив гласачки „нокаут“ со концептот „Едно општество за сите!“.

Според тоа, ние не знаеме што ќе биде со Македонија за 20 или 50 години и дали предвидувањата на Груевски за оживување на умртвениот конфликт ќе се остварат. Но, знаеме дека во Македонија или ќе има „живот за сите“ или предвидувањето на Груевски за „времено“ одложениот конфликт навистина ќе се оствари. Ама, ваквото предвидување не е никаква мудрост или политичка далекувидост, туку е резултат на глупоста на еден политичар како Груевски кој мисли дека Македонија и не треба да ја има, ако е таа „едно општество за сите“; патем, концепт најавен уште во Крушевскиот манифест.

Еден од условите за остварување на концептот за македонската држава како „едно општество за сите“ е таквата држава да биде – правна држава. Во таа смисла, се слуша дека ВМРО-ДПМНЕ веќе нарачала 500 примероци од книгата на Кежаровски, како задолжителна партиска лектира за поголем дел од членовите на Извршниот комитет на партијата за божиќните и новогодишните неработни денови во подготовките за „животот во кутија“.

Сашо Ордановски, Цивил медиа

Сподели: