Предизборната кампања за предвремните парламентарни избори на 15 јули се наоѓа на четвртина и додека политичките партии и коалициите своите политички понуди на терен ги промовираат со почитување на здравствените протоколи, преку социјалните мрежи и медиуми се објавуваат нови „бомби“ и меѓусебни обвинувања.
На петтиот ден од 20-дневната изборна кампања, караванот на Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ ќе биде во Куманово и Свети Николе, додека Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За обнова на Македонија“ изборните активности ќе ги претстави пред граѓани Новаци, Демир Хисар и Битола.
Партиите во текот на вчерашниот ден ги упатија пораките до граѓаните и побараа поддршка на претстојните избори.
