ТЕМНА МАГЛА ОКОЛУ НАС – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

На почетокот на минатиот век, шкотските планинари масовно ја ширеле приказната дека на највисокиот врв на шкотската планина Кернгормс, на врвот Бен Мекдуи,виделе огромно чудно и опасно суштество налик на човек, педесетина метри високо! На сето тоа, едни се потсмевале, други кажувале дека можеби е некаков привид, трети мислеле дека се работи за некаков необјаснив феномен, но имало доста од тие кои верувале. Ама, сепак кај сите стравот бил присутен. Следело писмо од триесетина планинари кои кажувале дека го виделе чудовиштето и дека стравот им влегол во коски. Во 1925 година, еден познат научник и планинар сакал сериозно да се позанимава со тоа. Со месеци истражувал кога конечно го видел чудното створење. Избегал како никогаш порано, не гледајќи ни кај гази ни кај скока. Во 1994 година дури е објавена книга од еден автор по име Affleck Gray со наслов: „The Big Grey Man of Ben MacDhui“ (Големиот сив човек од Бен Мекдуи). После опсежни истражувања, една група научници дојдоа до констатација дека сепак се работи за некаков природен феномен кога маглата се движи од трите страни на планинскиот врв во насока кон заедничка точка, а сонцето е пред заоѓање. Тогаш се создава фигура на огромен човек од магла кој како да се движи поради самото движење на маглата, но сепак го чува човечкиот облик.

Значи сето тоа ти било ветер и магла, каков што кај нас имаме во изобилие. Продавачи на магла на секој агол. Најмногу магла продаваа лажните патриоти (Македонци и Албанци), оти маглата им служеше како маска за грабање народни пари. И тоа животот ни го претвори во магла. Па, затоа стотина илјади млади фатиле магла. Политиката, демократијата, владеењето на правото, економијата, здравството, образованието, културата и професионалноста со декади ни се ветер и магла. И писмото од пред месец дена од 200 интелектуалци е обична магла. А нам бизнисот со магла ни е најпрофитабилна општествена гранка, оти уште има купувачи на магла. И назначувањето на тој ветерник Еленоски кој секогаш се врти како што дува ветерот и тој што паркира за да ги лечи комплексите – се последица на темна магла. Не можеме да видиме светлина поради темни умови.

Не случајно, денес клучот на успехот ни заглавува во рѓосаните врати градени од уште позарѓани средновековни умови. Не е лесно да се реформираме со деформирани умови, а времето тече пребавно за тие што се надеваат, а прекратко за тие што треба да ја завршат работата.

 

Патриоти уништувачи!

Темната магла е присутна во сите области. Гледаме протести, реклами, колективни писма-за прекин на преговорите со Грција. Дел од тие актери имаат срце ама немаат ум. Други имаат ум ама немаат срце. Трети ниту едно, ниту друго. Но, ај да видиме што ќе се случело или се има случено во поновата историја поради такви умови!? Ево неколку примери. Во 1962 година Русите тајно инсталирале среднодометни ракети со атомско полнење (СС-4) во Куба. Американците штом откриле поставиле поморска блокада околу Куба. Светот беше доведен до работ на тотална нуклеарна војна. Темпераментниот  Кенеди бил опкружен со луѓе кои биле спремни на сѐ! Но,Хрушчов во последен момент попуштил и светот бил спасен. А што ќе се случело ако и тој ги послушал големите „патриоти“ околу себе!? Светот ќе бил вратен во времето на амебите. Втор пример е Чеченија, која се стекна со фактичка независност за времето на Јелцин (со Хасвјуртскиот договор во 1997 година). Нивниот  тогашен водач Аслан Мушадов почна да гради прозападна секуларна држава. Но, кога неговите противници го ставиле во игра популистичкиот „ислам“, на власт дошол верскиот водач Јарданбијев. Тоа доведе до политичка бруталност, масовни убивства, киднапирања и невиден криминал. Обичните луѓе почнаа пак да ги бараат Русите како спасители. По тоа, за неполни две години независтоста на Чеченија заврши во буниште. Трет пример е Украина. Имено, по победата на прозападната алијанса над коалицијата на украинскиот проруски претседател Виктор Јанукович, новите револуционерни „патриоти“, наместо да дозволат Јанукович да си го заврши мандатот (за неколку месеци) како што бараше, тие отидоа да го рушат со сила и да го понижат. Тој избега во Русија и со помош на Путин дигна вооружено востание на руското население во Украина кое заврши со многу жртви и големи уништувања, а Украина го загуби Крим и Севастопол, и сеуште нема контрола над проруските региони Доњецк и Луганск. Четврт пример е кога на Србите од Српска крајина во Хрватска им било понудено решение „држава во држава“ (Планот „Z-4“ – 1995). Крајина би ги имала сите органи како една држава, дури и своја валута и војска. Но, тогашните „патриоти“  тоа го одбиле, по што следела операцијата „Олуја“ со многу жртви и 200 илјади Срби кои трајно ги напуштија домовите. Па дури и нуклеарните експлозии во Хирошима и Нагасаки се резултат на непопустливост на едни „патриоти“, воени команданти околу јапонскиот крал. И капитулација пак се случи, но сега со плус пола милион жртви за Јапонија!

Оттука, вистински париотизам (а и спас за државата), е да се изнајде разумно решение и Македонија да тргне кон нормалното. Додека Србија водеше ненормална политика, а ние релативно нормална, просечната плата кај нас беше четири пати поголема. Но, со вешта политика на компромиси со Косово, Србија не само што стигна до просечната плата од 459 евра (а кај нас 377 евра), туку стана главен регионален играч. Никако едни луѓе да сфатат дека што поголем лажен патриотизам – тоа помали вистински плати, а не е здраво да се претпостави што ќе се случи ако поради наша вина пропаднат преговорите! Со напори на сегашната власт, нашите позиции видно се зајакнати во меѓународната заедница, но нејзе и треба морална поддршка од сите нас. На внатрешен план грешки има и тие се видливи, но тие се мали во споредба со генералната линија по која се движиме.

Путин јуриша кон западниот Балкан!

Деновиве, командантот на американските трупи во Европа генерал Curtis Scaparrotti, пред комитетот за вооружените сили на американскиот сенат изјави дека САД и НАТО работат заедно за да се спротистават на големите опасности за безбедноста во Европа, и ги спомна насилниот екстремизам и руските тенденции за дестабилизација на Балканот. „Москва, која не ги гледа добро интеграциите на балканските држави во ЕУ и особено во НАТО, ги зголеми своите напори за проширување на нејзиното влијание во регионот, особено со искористување на Србија и босанските Срби поради историските врски. Русија се обидува да ги поттикне немирите на Балканот преку дезинформативни кампањи насочени кон локалното население“ – изјавил генералот пред сенатот. А известувачот на Европскиот парламент за Србија, David McAllister оценува дека „земјите од Западен Балкан треба уште веднаш да се вклучат во процесот на носење одлуки во ЕУ и што побрзо да се подготват за членство во Унијата, бидејќи во спротивно би можеле да потпаднат под влијание на други држави“. Деновиве албанскиот премиер Рама, ја обвини албанската опозиција дека имаат добиено сомнителни финансии од Русија.

Во вакви околности, свесно или несвесно едни политички субјекти кај нас во опозицијата (а и во власта), како да не се свесни за историскиот момент, па фалејќи се дека ќе го спасат сидрото имаат големи шанси да го потонат целиот брод. Но, тоа си е реалноста. И во најубавата градина ќе се најде понекоја отровна змија. Но, за тоа не треба да се молчи. Понајмалку власта треба да биде нервозна поради укажувањето на грешките оти пријателите ти укажуваат на грешка, а другите ти ја разубавуваат истата. Вистината е најдоброто средство до разумот. Власта треба повеќе да се консултира со експерти. Бернард Шо вели, ако двајца разменат по едно јаболко, пак секој ќе има по една јаболка, но ако размениат по една идеја секој ќе има по две идеи. Нас треба да нѐ плаши темната магла оти и мракот се шири со светлосна брзина.