Тошковски: 310 кандидати ќе бидат примени во Средното полициско училиште

Сподели:

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, соопшти дека околу 300 кандидати ќе бидат примени во Средното полициско училиште, односно сите кандидати кои успешно ги поминале предвидените селекции, проверки и елиминациони критериуми, иако првично беше предвиден прием на 200 ученици.

„Вкупната бројка на кандидати кои ги поминаа елиминационите критериуми поврзани со образованието, потребните оценки, поведението, физичките и здравствените карактеристики е околу 300 деца. Направивме детална анализа дали ќе можеме да ги примиме сите, разговаравме со Министерството за финансии и Владата донесе одлука дека ќе можеме да ги примиме сите. Навистина ќе беше жално да испуштиме кое било од тие деца кои ги исполниле условите“, истакна Тошковски.

Тошковски потенцираше и дека сите ученици кои успешно ќе го завршат Средното полициско училиште ќе бидат дел од системот на Министерството за внатрешни работи, согласно договорот што Министерството го склучува со нив.

„Сите кои успешно ќе го завршат Средното полициско училиште ќе бидат дел од системот. Министерството за внатрешни работи е должно да ги обезбеди сите потребни услови тие да станат дел од МВР. Убеден сум дека оваа генерација во иднина ќе биде гордост на Министерството за внатрешни работи“, нагласи Тошковски.

Сподели: