Вести Македонија

Трајковски: Никој не може да гарантира сто отсто заштита на личните податоци

Сподели:

„Вонредниот инспекциски надзор на Машински факултет е во завршна фаза, а сè што е алатка на законот во поглед на санирање на настанатите штети, веќе е преземено по наши насоки од страна на Машинскиот факултет. Останува да ги известиме сите засегнати студенти со нашите наоди за да може да си бараат одредени права во граѓански постапки пред судовите“, рече директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци, Горан Трајковски, во врска со случајот со неодамнешното споделување лични податоци на студенти од Машинскиот и други факултети.

ДЗЛП денеска организираше настан на кој се одбележа 28 јануари – Денот за заштита на личните податоци, на кој присуствуваше и народниот правобранител, Иџет Мемети.

Трајковски рече дека личните податоци се високоризична целна група во светски рамки и дека би било смело да се каже дека личните податоци се безбедни во Република Македонија.

И Трајковски и Мемети истакнаа дека во однос на заштитата на личните податоци, најважна е превенцијата и оти граѓанинот мора да си ги штити личните податоци.

– Од една страна, неспорно е дека станува збор за основно човеково право – правото на приватност, меѓутоа, секое право повлекува и одговорност. Во делот на превенцијата, апелираме на обврската секој граѓанин да ги штити своите лични податоци, да ја штити својата приватност. Во тоа ние можеме само да помагаме, меѓутоа како апсолутни заштитници ниту македонскиот орган за заштита на лични податоци ниту кој било друг светски орган за заштита на лични податоци не може да гарантира сто отсто заштита на личните податоци – вели директорот на ДЗЛП.

Во текот на минатата година, ДЗЛП извршила вкупно 307 инспекциски надзори во повеќе области, од кои 132 редовни, 157 вонредни и 18 контролни надзори, а Трајковски рече дека се подготвува нов закон за заштита на лични податоци.

Извoр:Meta.mk

Сподели: