На денешен ден, 3 октомври 1995 година беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, кој го преживеа со тешки повреди на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.
Атентатот врз претседателот Киро Глигоров беше извршен со автомобил-бомба во 9:50 часот, на улица Македонија пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога претседателот со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието.
Во автомобил „цитроен ами 8“ беа скриени 20 килограми експлозив, активиран со далечински управувач кога возилото на претседателот било во движење. Пред експлозијата, службеното возило на претседателот на улицата Македонија го забавило едно „фиќо“.
Во истрагата беа претресени 30.850 возила, прегледани повеќе од 15.000 објекти и легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 беа претресени.
Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран. Остана непознато кој стоел зад атентатот, а истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена.
Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години. Тој беше првиот претседател на независна Македонија и нему му се препишува заслугата што Македонија се отцепи по мирен пат од поранешната Југославија.
фото архива скриншот


