Утрово, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски заедно со министерот за спорт Борко Ристовски го означија стартот на Wizz Air Скопскиот маратон.
“Скопје денес е домаќин на рекордни 15.020 учесници кои ги исполнуваат нашите улици со енергија, решителност и желба да ги поместат сопствените граници.
Секој од нив трча со своја цел, со своја мотивација и со своја приказна. А со секој нивен чекор, заедно ја пишуваме најубавата спортска приказна на нашиот град.
Град Скопје, како покровител, е подготвен да ја даде потребната поддршка за успешно одржување на оваа голема спортска манифестација и да покаже дека е достоен домаќин на настани што нè обединуваат и го претставуваат Скопје пред светот. Нашата заложба е овој маратон да продолжи да расте, а спортот да биде сè поприсутен во животот на нашиот град.
На сите учесници им посакувам успешна трка, лесен чекор и силна волја до целта! На скопјани им упатувам повик со аплауз и бодрење да им дадеме дополнителна сила на сите што денес трчаат низ нашиот град. Денес секој чекор заслужува аплауз, секоја лична победа заслужува почит!
Напред, маратонци! Скопје е со вас!” – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.


