Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Центарот за македонски јазик во Лерин останува законски регистрирана невладина организација во Грција

Сподели:

 

Грчкиот суд во Лерин го одобри постоењето на „Центарот за македонски јазик“ и ги отфрли тужбите од здруженијата кои се противеа на неговата работа. 

По повеќемесечен судски спор, тензични рочишта и голем број сведоци, во петокот судот како неосновани и неприфатливи ги оцени десетината тужби поднесени од здруженија кои се противеа на работата на центарот.

„Се изборивме преку судски пат, со наши аргументи и нашата борба сето тоа да го добиеме, да не успеат да не забранат  и завчера, за првпат во историјата на нашата борба судот во Лерин одлучи дека ние можеме да продолжиме да работиме, да функционираме, да постоиме. Тоа е еден вид признавање на македонскиот јазик“, изјави Димитриос Иоанну, Центар за македонски јазик. 

Во обидот да се забрани работата на Центарот, своја тужба имал и јавниот обвинител во Лерин. Заедно со здруженијата кои го негираат македонското постоење пред судот се жалеле дека доживувале немир, а Центарот дури им го нарушил и сонот.

„Бараа да биде прекината работата на друштвото бидејќи не постоел македонски јазик, бидејќи со сето тоа им донесовме немир во нивните животи, дури спомнаа дека имаат кошмари кога спијат, бидејќи со таа лага што сме ја презентирале ние им ја расипуваме безбедноста во грчката држава и создаваме работи што не постојат во суштина“, вели Иоанну. 

Од центарот велат по одлуката на судот во идниот период ќе работат на отворање канцеларии и во останатите делови од Грција каде живеат Македонци. 

„Сега и со печат на судот дека сме легални, планираме да отвориме повеќе таков вид канцеларии за средби на Македонците и за развивање на македонскиот јазик. Во суштина, ова не е крајот на нашата борба, туку почетокот на нашата борба, поголем стимул да продолжиме да го бараме тоа што е загарнтирано со уставот“, појаснува Иоанну. 

Во јули лани Судот во Лерин го одобри барањето за регистрација на Центарот за македонски јазик, но по само неколку денови, низа здруженија поднесоа тужби за неговата работа. Во петокот судот одлучи во корист на Центарот чија мисија е изучување на македонскиот јазик преку интернет и заложба за негово воведување како изборен предмет во училиштата и универзитетите во егејскиот дел на Грција.

Ова е прва официјална потврда за постоењето на македонскиот јазик во Грција, откако лани барањето за регистрација на Центарот за македонски јазик како невладина организација беше одобрено од грчкиот суд, со што Центарот стана првата организација која директно се грижи за македонскиот јазик и што е регистрирана и призната од грчките државни органи.

Сподели: