ЦГК: Како се трошеле државни пари за време на пандемијата со Ковид 19

Сподели

 

Центарот за граѓански комуникации го објави извештајот за јавните набавки за заштита од Ковид-19, изработен врз основа на длабински мониторинг на постапките за јавни набавки на стоки, услуги и работи, чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година.

Мониторингот ги детектира следниве клучни проблеми и ризици од корупција:

1. Јавните набавки поврзани со Ковид-19 и во второто полугодие од 2021 година, односно и по повеќе од една година од почетокот на кризата, изобилуваат со проблеми и ризици од корупција;

2. Проценетите вредности на набавките и натаму се многу повисоки од цените добиени на тендерите, што може да упатува на ризикот од намерно оставање простор за склучување договори по повисока вредност за да има доволно пари и за корупција;

3. Кога има еден понудувач или останува еден понудувач по елиминирање на другите понуди во фазата на евалуација, речиси без исклучок понудената цена се совпаѓа или е многу блиску до проценетата вредност на набавката иако таа не е јавно објавена, што упатува на претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи;

4. И натаму има големи разлики во цените за исти производи набавени во ист временски период, што се движат и до 500 %;

5. При набавката на реагенси постои долгорочна зависност од фирмата чиј апарат за тестови го користи институцијата, што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција;

6. Постои слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас.

7. Ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки носи високи ризици од судир на интереси и корупција;

8. Како јавни набавки за Ковид-19 се набавувани производи што не може лесно да се доведат во врска со пандемијата, како, на пример, службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик-боја.

Овој извештај е изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи за заштита од Ковид-19, чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година, односно од 1 јули до 31 декември 2021 година. Опфатените постапки претставуваат 52 % од сите тендери за Ковид-19 во периодот на мониторингот (вкупно 77 тендери).

 

Вредноста на мониторираните тендери изнесува 1,25 милион евра, што е 30,4 % од вредноста на сите тендери за Ковид-19 во анализираниот период (4,1 милиони евра).

(Најнов извештај од мониторингот на КОВИД-19 набавките: https://www.ccc.org.mk/images/stories/covid-19-2.pdf)