Ципрас го извести поглаварот на ГПЦ за текот на преговорите за името

Сподели

Во овој момент не се потребни протести, туку национален консензус и единство, е пораката на поглаварот на грчката православна црква, што ја упатил на средбата со грчкиот премиер. Архиепископот Јеронимос и Алексис Ципрас, јавува дописникот на МИА од Атина, вчера имаа средба во атинската архиепископија, средба која не беше официјално најавена, а главната тема било прашањето за името.

Грчкиот премиер, според официјалното соопштение од ГПЦ, го известил архиепископот за текот на преговорите, ги слушнал размислувањата на Јеронимос и „изразил особен интерес за црковниот аспект на целиот спор, во однос на името на расколничката црква на Скопје“. Ципрас го уверил архиепископот дека ќе продолжи да го информира за текот на преговорите и побарал од него да придонесе за да се обезбеди клима на национално единство и одговорнoст.

„Архиепископот, од своја страна, ги изрази позициите на црквата на Грција и не испушти да ја истакне довербата кон, согласно со Уставот, надлежните, со чувство на одговорност да управуваат со нашите национални прашања. Исто така, потенцираше декa во овој момент не се потребни протести, туку национален консензус и единство“, соопштуваат од ГПЦ.

За синоќешната средба на грчкиот премиер со поглаварот на ГПЦ, експресно реагираше опозициската Нова демократија. Преку соопштение, како што јавува дописникот на МИА од Атина, тие ја обвинуваат Владата за неодговорност и за водење тајни преговори, а ја напаѓаат дека наместо да ги извести Парламентот и опозицијата, одбрала прво да ја извести црквата.

„За едно толку сериозно национално прашање, како што е скопското, господинот Ципрас, избра да не ги извести опозицијата, партиите, пратениците, народот и да преговара во тајност“, соопштуваат од Нова демократија и додаваат дека наместо тоа, грчкиот премиер решил да го извести архиепископот, a неколку дена претходно „Министерството за надворешни работи, претставниците на црквата ги поистоветил со Златна зора“.