Ципрас: Петнаесет измени во уставот на Грција

Сподели

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на вчерашната седница на пратеничката група на неговата партија Сириза ја обелодини содржината на предлогот за ревизија на Уставот.

Станува збор за 15 измени од кои главната всушност е претпазлив чекор кон нов однос меѓу црквата и државата кои во Грција не се раздвоени. „Дојде време со Уставот експлицитно да се зацврсти верската неутралност на грчката држава со сето она што се подразбира регулаторно и во практика“, изјави Ципрас. Од другитте предложени измени е интересна и таа за уставно воспоставување на пропорционален изборен систем кој во Грција сега е мешан. Исто така се предлага и измена со цел да се отежне менувањето на владата од страна на Парламентот.

Следен предлог за измена на уставот на Грција е да се воведе дека претседател на владата може да биде само некој од пратениците, односно, како што кажа Ципрас, „претседателот на владата мора да го бира грчкиот народ“ за да се „избегне повторување на вонредните политички услови во кои за премиери се поставуваат оние кои не минале низ маката на народното гласање“, кажа грчкиот премиер.

Покрај тоа, СИРИЗА инсистира на уставно „гарантирање право на референдум по народна иницијатива“, но само за „пресудни национални прашања или за некој изгласан закон“.

Предлог за измена на уставот на Грција е и воведување „народна законодавна иницијатива“, бидејќи сега законите практично може да ги предлага само владата.