Вести Македонија Став Ударни вести

ЦИВИЛ: Институциите веднаш да ги санкционираат сите што шират говор на омраза!

Сподели:

 

Во пресрет на Денот на Републиката, 2 Август, ЦИВИЛ бележи голем број изрази на говор на омраза и повици на насилство врз основа на етничка и верска припадност, сексуална ориентација, и пособен акцент на политичка определба. Говорот на омразата и повиците на насилство најмногу се бележи на социјалните мрежи, но неретко е присутен и на интернет порталите.

Повици на насилство со употреба на експлицитен говор на омраза се нотира и по повод прославата на Илинден на Мечкин Камен, на 2 август. Еден од нив е Фејсбук настанот на новинарката на МТВ, Марија Котовска: „Топло да ја поздравиме стоката северџанска на Мечкин Камен“. Но, не изостануваат ниту повиците за „куршум во чело на Заев за дупла илинденска прослава“. Исто така се повикува и на паралелна прослава, односно на Илинден да започне „непослушноста“ и „непокорот“ кон оваа, како што велат „предавничка северџанска власт“…

ЦИВИЛ најостро ги осудува говорот на омразата и повиците на насилство и бара од институциите веднаш и најостро да ги санкционираат сите поединци и групи што шират омраза и повикуваат на насилство. Бараме од институциите да реагираат остро, решително и ефикасно, а на одговорност да ги земат и највисоките раководни структури на политичките партии што посредно или непосредно ги охрабруваат радикалните поединци и групи во земјава.

ЦИВИЛ – Центар за слобода се залага за општество во кое владее слободата, еднаквоста и правдата, општество во кое граѓанките и граѓаните се чувствуваат безбедни и имаат доверба во институциите, каде што безбедноста, слободата на движењето и слободата на изразувањето се гарантираат со закон и со ефикасно функционирање на системот. Општество во кое одредени групи постојано повикуваат и вршат насилство врз граѓаните, не може да биде здраво. Постојаните повици за екстремно насилство и говор на омраза од одредени групи се последица од воспоставената неказнивост од минатата власт, но и неказнивоста што продолжи и по падот на режимот.

Воедно, ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да продолжат со пријавување на случаи на кршење на човековите права, корупција, говор на омраза и лажни вести на онлајн формуларите на веб страницата Граѓански објектив.

Сподели: