Став

ЦИВИЛ: Кога „човечињата“ ќе зачекорат низ коридорите на правдата -Џабир ДЕРАЛА

Сподели:

Дали некогаш сте помислиле зошто не ви одговарам на гнасните лаги и навреди кои ги кажувате за мене и за луѓето со кои го делам моето животно и работно опкружување? Морам да признам, главна причина е што многу ретко ве читам. Најчесто слушам за вас кога ве споменуваат во вицеви и анегдоти. Не би сакал да сум на вашето место, да бидам предмет на такви исмевања, особено затоа што најголем дел од тоа е засновано на факти за вашите „дострели“.

Пишува: Џабир Дерала

Порано, им велев на раскажувачите на вицеви за вас дека треба да бидат покоректни и дека, во принцип, треба да имаат предвид дека можеби сте под притисок и дека сте уценети, но со време престанав. Да, имаше моменти кога дури и се обидував да ве одбранам, да најдам некакво оправдување за вашето долно однесување. Сега само велам дека не заслужувате човек ни името да ви го споменува.

Раскажуваат тажни и мрачни работи за вас, за вашите животи, за тоа што сте направиле порано и тоа што правите сега. И ме караат што сум толку фин и воспитан со вас. И што не ви возвраќам. Ми велат да се опуштам и да си го кажам мислењето онака како што ми се создава во главата, дека треба да бидам искрен до крај и кога зборувам и пишувам за вас. Еве, ќе ја исполнам желбата на многубројните мои пријателки и пријатели кои од мене побараа да проговорам отворено и искрено за сејачите на омразата, полтроните на оние со многу украден кеш и напумпани мускули во дословна и преносна смисла на зборот. Однапред се извинувам за речникот кој не ми е својствен:

Вие сте ниски, расипани, лигави, страшливи никаквеци. Ако нискоста и моралната мизерија смрди, сигурно смрди како вас. Се надевам дека тоа ќе ви светне еден ден во вашите ограничени тикви. Но, сигурен сум дека кога се дрзнувате да го напишете или изговорите моето име, во вас има барем трошка свест дека не ви успева ни оддалеку да допрете до мене. Знаете сѐ за мене, но продолжувате бесрамно да лажете. Знаете и дека ретко кој може да ви поверува, но продолжувате. Признавам дека негувам надеж дека и во вас има барем малку пристојност и дека барем дел од вашите рефлекси се бунтуваат против нискоста и злобата во вас. Но, сеедно продолжувате. Тоа ме разочарува и ме предупредува дека понекогаш човечката грдотија нема дно.

Се користите со сите информации кои може да ги прибават киднапираните институции во полза на вашите стопани, па така ви стојат на располагање и вам. Тогаш, знаете дека лично контактирам со илјадници луѓе. Тие знаат кои сте вие и добро знаат кој сум јас. И пак чекорите боси по изметот на оние на кои им служите.

Сите веќе знаеме, крајот се ближи, коњите што ја влечеа вашата китнеста и гротескна запрега заминаа, а вие, без кочници, јурите надолу по стрмните, карпести падини на настаните. Знаеме сите, но дали ви кажал некој дека тоа што вие го нарекувате кариера, а другите беда, заврши? Побрзајте! Побрзајте да ги испиете и последните голтки од придобивките кои ви ги обезбедија вашите разуздани стопани. Потоа, рака под рака, како „човечиња“, ќе зачекорите низ студените коридори на правдата.

Заразивте многу млади души со вашата омраза, со лудилото и безобразието кои испаруваат од вас и од тоа што го правите. Не можевте да бидете само арогантни копилиња на еден грд систем, туку моравте да станете олицетворение на сè што е подло и одвратно. Не можевте да бидете само мегафони, туку сакавте да станете гласот на оние што локаат крв и тогаш кога не се жедни.

Вашите стопани се грабежливи и ненаситни, а вие сте тука да ги глодате коските од нивната гозба, да ржите покрај нивните чизми и да бидете горди со тоа. Сега кога и тие се на залезот на својата моќ, на крајот од својата оргија, не можете да се помирите со неминовното. Бидејќи сте мали и ништожни играчки во нивните раце, не можете да ги видите црните облаци. Тие подобро гледаат од вас, но немаат потреба да ви ги кажат лошите вести.

Ќе дојде денот кога со плачни изрази на лицето ќе се обидувате да најдете оправдување, ќе барате извинување за сѐ што направивте, но најмногу од сѐ, ќе негирате или ќе припишувате одговорност и вина кај некој друг. Кој ли ќе ви ги бере гревовите тогаш? Ќе тегнете луѓе за ракав со молби да ве сослушаат, ќе барате разбирање, ќе се повикувате на правото да бидете третирани праведно, ќе се каете… Тоа што сега го нарекувате слобода на изразување кај себе, а предавство кај другите, тогаш ќе биде поинаква приказна. Ќе се обидете да смените страна и да се продадете за пет пари на некој нов стопан.

Што и да се случи, вашите недела ќе останат. Срамот ќе остане. Можеби луѓето навистина имаат кратко помнење, но записите ќе останат. Реата ќе остане. Вашето предавство ќе остане. А луѓето и нема зошто да се сеќаваат на вас. Никој не сака да се сеќава на грди нешта. Ќе бидете потиснати во сеќавањето на ова општество, но не можете да бидете заборавени.

Се прашувам што ќе се случи со тие што секој ден ве поддржуваат по социјалните мрежи. Да, оние што вашите гнасотии ги сметаат за патриотизам и што истураат лавини од омраза и навреди. Што со нив? Што со оние семејни луѓе, богобојазливи, со широки насмевки на нивните социјални профили, чии напади се подеднакво ниски и одвратни како и вие? Се прашувам дали и колку нивните зборови се штапски, а колку нивни. Колку од нив ги препишуваат штапските канонади со уживање, а колку од нив се црвени во ушите кога тоа го прават? Во обата случаи, ако вие, сејачите на омразата сте вошки, тие што ве поддржуваат се гниди. И полошо од тоа.

Од најмали нозе научив дека достоинството нема цена. Вам изгледа никој не ви го кажал дека достоинството не се дава ни по цена на животот, а камоли за трошка комфор и дружба со криминалци.

Сподели: