ЦИВИЛ: Поддршката на Законот за ЈО е одговорен и државнички потег

Сподели

 

ЦИВИЛ ја поздравува и ја поддржува одлуката да се застане на страна на правото и правдата, наспроти тесните интереси на оние што ги штитат само своите лични интереси и интересите на структури што се деструктивни, антиевропски и антимакедонски.

 

Одлуката на Независната пратеничка група да го поддржи Законот за јавно обвинителство е одговорен и државнички потег. Општо познато е дека овој закон е исклучително важен за владеењето на правото во Република Северна Македонија, како и за евроинтеграцискиот процес. Сите пратеници што го поддржуваат овој процес воедно ја изразуваат и својата недвосмислена поддршка на македонските стратешки национални интереси.

Со поддршката на новиот Закон за јавно обвинителство, македонските пратеници ќе му помогнат на македонското законодавство да се усогласи со европското законодавство, а во земјата да се зајакне владеењето на правото, процес што е пресуден за европската иднина на државата. Со поддршката на овој закон, се манифестира и волјата да се зајакне улогата на парламентот како најважна институција на демократијата во нашата земја.

Ги повикуваме институциите да обезбедат брз, ефикасен и непречен тек на процесите во согласност со законите, Уставот и националните интереси на Република Северна Македонија. Ја повикуваме јавноста, сите граѓанки и граѓани, да ги поддржат сите пратеници што се на страната на правото и правдата. Ја повикуваме јавноста да застане на страната на националните интереси и да ги осуди сите обиди да се попречат евроинтеграциските процеси на нашата земја.