Вести Македонија Ударни вести

Црвен крст со нова услуга за транспорт на лица со инвалидитет и “Итно копче”

Сподели:

 

Црвениот крст на град Скопје од 15 мај 2022 година ќе започне со услугата превоз на лица со посебно опремени наменски возила, наменета за стари и лица со инвалидитет.

 

 

-Со овој проект со наменски возила се врши превоз на лица, кои не се во можност, самостојно да обезбедат превоз за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга, заради старост, болест,неможност или потешкотии при самостојно движење, потреба од придружник односно негувател или личен асистент, врз основа на наод на стручно лице за потребата од користење на услуги во домот, поради здравствената состојба во која се наоѓаат, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на денешното потпишување на Платформа за унапредување на соработката помеѓу Црвен крст на град Скопје и Градот Скопје во делот на подготвеност и одговор во случај на катастофи.

Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје истакна дека ова е нова услуга наменета за стари и инвалидизирани лица и станува збор за посебен транспорт кој ќе им го олесни движењето низ градот без разлика дали корисниците на услугата имаат потреба од лекарски преглед или пак посета на некој административен објект.

-На располагање се две посебно опремени наменски возила, каде се закажува место за превоз најмалку 24 часа пред денот и терминот за извршување на одредена обврска. Едното возило е наменето за лица кои имаат потешкотии во движењето, но сепак можат да бидат во седечка положба, а другото возило е за лица кои мора да се пренесуваат во лежечка положба, при што дневно може да се излезе во пресрет на осум до десет граѓани, истакна Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје.

Исто така, денеска се промовираше „Итно Копче” програмата на Црвениот крст на Град Скопје, наменета за обезбедување сигурност на постарите лица над 65 години.

-Станува збор за услуга која е нова во регионот, но во дел од европските земји се спроведува со години, затоа го постои искуство од меѓународен тим кој ги обучува тимовите на Црвениот Крст на Град Скопје, кои понатаму ќе работат на терен. Целта е да се обезбеди сигурност на постарите лица над 65 години, со тоа што секогаш кога ќе се најдат во состојба на итност да можат да се јават на тимот на Црвениот крст Скопје, каде обучени лица ќе доаѓаат на терен и прават проценка што треба да се направи, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на денешната промоција на услугата.

Сподели: