Вести Македонија Ударни вести

Тупанчески: Судењата од далечина стануваат реалност

Сподели:

 

Министерот за правда Никола Тупанчески присуствуваше на Меѓународната конференција за дигитализација на судството која се одржа во Охрид на тема ,,Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата на судството”. Конференцијата се одржа под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски а домаќин е Министерството за правда.

Министерот Тупанчески во своето обраќање порача дека во време во кое човекот со напредните технологии успеа да стигне до простори во вселената на светлосни години оддалеченост и за тоа добива информации скоро во реално време, не треба да имаме сомнеж дека државата треба да направи се овие технологии да ги стави во функција и на пристапот до правда на граѓаните.

 

 

 

„Задоцнетата правда граѓанинот често ја доживува како најголема неправда, а дигитализацијата во правосудството ќе ги забрза постапките на сите нивоа, ќе го олесни доставувањето на докази и документи, комуникацијата меѓу засегнатите страни и институции и ќе ја подигне правната сигурност и довербата на граѓаните во правосудството. Периодот во кој живееме, а особено изминатите две години на пандемија, изолација и редуцирани услуги за граѓаните во сите сфери, уште еднаш ни потврдија дека дигиталниот напредок треба максимално да се стави во функција на подобрување на животот на граѓаните’’ рече Тупанчески.

Дигитализираното судство,потенцираше Тупанчески е карактеристика на секоја модерна и напредна држава. Дигитализацијата и интероперабилноста се процеси кои неминовно го тангираат функционирањето на судството кое што не може да остане имуно на придобивките што со себе ги носи вештачката интелегенција, напредокот и усовршувањето на техничките и оперативните перформанси на ИКТ алатките. Дигитализирано судство е поефикасно и потранспарентно судство.

Министерот за правда се осврна и на активностите кои се преземаат а се во насока на реализација на Планот за дигитализација на правосудството. 

  • Инсталирана е ИКТ опрема во судниците во 5 основни судови: Кавадарци, Струмица, Штип, Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје.
  • Обезбедени се дигитални услуги за граѓаните, брз, лесен и едноставен начин на барање и добивање на документи.

Со дигиталното судство ќе се овозможи побрза правда и ќе се намали корупцијата. Ќе се намалат трошоците во судските постапки, странките ќе заштедат на време, ќе има помал број на одложени судења.

 

 

„Целосната дигитализација очекуваме да се реализира во над 186 судници во 34 судови. Ова во голема мера ќе влијае на подобрување на судскиот интегритет, отчетноста, јакнење на довербата на јавноста, но и врз заштитата на системот. Судењата од далечина веќе стануваат реалност. Но тие се само еден аспект на дигитализацијата која опфаќа низа други електронски можности, како што се е-доставата, дигиталното регистрирање на рочиштето и креирање записници во електронска форма, размената на дигитални информации, докази и слично од кои што дел влегуваат во интероперабилноста’’ порача Тупанчески.

Министерот за правда Никола Тупанчески информираше дека во 2022 година за дигитализација во судството се предвидени 130 милиони денари, од кои 90 милиони денари за набавка на нови сервери за 24 судови и за Судскиот совет, 20 милиони денари за опремување на судските сали за обезбедување функционалност на опремата за аудио и визуелно снимање на судски рочишта и 20 милиони денари за набавка на компјутери, принтери и скенери.

Сподели: