Вести Свет

Турција: Амбасадорот на САД повикан на разговор во МНР

Сподели:

Турција синоќа го повика американскиот амбасадор во Турција на разговор, откако САД издаде налог за апсење на 12 телохранители на Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).

Амбасадорот на САД во Анкара, Џон Бас, е повикан во Министерството за надворешни работи на Турција откако САД издаде налог за апсење на 12 телохранители на Ердоган кои се поврзуваат со тепачката што во мај се случи пред амбасадата на Турција во Вашингтон, при посета на турскиот претседател на САД.

„По сознанието дека американските власти издале налог за апсење на неколкумина наши државјани и неколкумина телохранители на нашиот претседател, го повикавме во министерството амбасадорот на САД во Анкара“, се наведува во соопштението.

Од Министерството за надворешни работи на Турција, наводно, е упатена порака дека таквата одлука е неприфатлива.

„Ваквата одлука е погрешна, пристрасна и без правна основа. Тепачката пред нашата амбасада во Вашингтон се случи откако локалните безбедносни структури не ги презедоа потребните мерки. Да преземеше САД во овој случај мерки какви што презема при слични посети на високи официјални претставници, ваквиот проблем немаше да се случи. Поради тоа, на амбасадорот на САД му порачавме дека нашите државјани не можат да бидат сметани за одговорни за она што се случи“, се додава во соопштението.

Понатаму се наведува дека американските полициски службеници ги игнорирале случувањата пред амбасадата тој ден.

„На амбасадорот на САД исто така му пренесовме дека не е во согласност со правдата американските службеници да ги затвораат очите додека наводните демонстранти, кои носеа знамиња и симболи на терористичката организација, приоѓаат на само неколку метри од седиштето на турската амбасада во Вашингтон и напаѓаат невини државјани. Исто така, му кажавме дека не е исправно да не се преземаат никакви мерки против американските полициски службеници кои ги нападнаа телохранителите на нашиот министер пред зградата на амбасадата“, се наведува во соопштението.

Од Министерството за надворешни работи на Турција на крајот рекоа дека одлуката на САД за налогот за апсење на 12 телохранители на Ердоган е донесена без никаква независна и непристрасна истрага.

Сподели: