Турција: Почнува судењето на терористите на ФЕТО

Сподели

Пред Судот во Анкара денес ќе започне судењето по обвинението кое ги опфаќа 486 обвинети за случувањата во воената воздухопловна база Акинџи, во ноќта на 15. јули минатата година кога терористичката организација ФЕТО се обиде да изврши државен удар во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

Судењето на обвинетите меѓу кои се и водачот на терористичката организација Фетула Ѓулен, кој престојува во САД, потоа поранешниот командант на воздухопловните сили Акин Озтурк, некои од највисоко рангираните лица во терористичката структура ФЕТО како Адил Оксуз, Кемал Батмаз, Харун Биниш, Нуретин Оруч и Хакан Чичек, и пилотот кои на 15. јули бомбардираа повеќе локации во Турција, во првата фаза ќе трае до 29 август во просториите на Казнено-поправниот завод Синџан во Анкара.

Првообвинети во судењето за случувањата во базата Акинџи, во близина на Анкара, која беше и координациски центар на терористите ноќта на 15. јули 2016 година е Фетула Ѓулен. Второобвинет е Акин Озтурк, а потоа следува и Кемал Батмаз.

Пред судницата се преземени опсежни мерки на безбедност, а покрај влезот во зградата се собраа многубројни членови на семејствата на загинатите и ранети граѓани во крвавиот обид за државен удар.

На обвинетите ќе им се суди за обид за рушење на уставниот поредок, попречување на работата и обид за оневозможување на работата на Големото народно собрание на Република Турција, за обид за атентат на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, обид за соборување на легитимната власт, за управување со вооружената терористичка организација, заробување на високорангирани офицери, повеќекратни убиства и ранувања, намерно загрозување на националната безбедност и бомбардирање на повеќе објекти во земјата, првенствено зградата на Парламентот, комплексот на специјалната полиција, сателитскиот оператор TURKSAT со користење на воени авиони и хеликоптери.

Од вкупниот број на обвинети, 461 се наоѓаат во притвор, 18 ќе се бранат на слобода, а седуммина обвинети, меѓу кои и водачот на терористичката организација Фетула Ѓулен, се во бегство.

Терористичката организација ФЕТО со децении ги инфилтрираше своите членови во државните безбедносни структури на Турција, при што на 15. јули минатата година по налог на Фетула Ѓулен се обиде да изврши државен удар.

Во крвавиот обид за пуч, терористите на ФЕТО убија 250, а ранија повеќе од 2.000 лица. Турција на опасност од терористичката организација ФЕТО предупреди голем број на земји во светот, поради тоа што станува збор за терористичка мрежа која дејствува глобално и не претставува закана само за Турција, туку за секоја втора земја во која делува.