Вести Свет Ударни вести

Уапсен осомничен за убиството на бугарската новинарка

Сподели:

Бугарското национално радио соопшти за апсење на осомничен во врска со убиството на новинарката Викторија Маринова, која известувала за случаи на корупција и злоупотреба на ЕУ-фондови во земјата, пренесува Дојче веле.

Денешниот извештај се повикува на неименуван извор во Министерството за внатрешни работи, според кој уапсениот е романски државјанин со пасош од Молдавија. Други детали не се соопштени. Бугарските власти во меѓувреме отвориле истрага во врска со сомнежите за злоупотреба на пари од ЕУ-фондовите, по убиството на телевизиската новинарка Викторија Маринова, чие тело беше најдено пред три дена покрај реката Дунав, во нејзиниот роден град Русе. Во бугарското општество постоеше силна поларизација во поглед на мотивите за убиството на 30-годишната новинарка.

Сосема очигледен е стремежот на истражните органи делото да го објаснат во полза на втората претпоставка. Министерот за внатрешни работи Младен Маринов отворено промовираше претпоставка дека најверојатно станува збор за „лице со психички девијации”.

Тој и главниот обвинител Сотир Цацаров во понеделникот го посетија Русе, во обид да демонстрираат пред локалните граѓани решеност за спроведување на објективна и ефективна истрага. Шефот на државното обвинителство сепак побрза да нагласи: „не можеме да кажеме дека верзијата за извршувањето на нејзината работа како новинар или тематиката е одлучувачка верзија”.

„Едно е јасно – извршените активности се исклучително брутални и исклучително сурови. Не исклучуваме ниту една од верзиите. Не исклучуваме ниту верзија поврзана со случајно насилство, ниту верзија поврзана со смислено убиство”, додаде сепак Цацаров, потврдувајќи ги првичните информации дека жртвата била силувана и измачувана.

Викторија Маринова истражувала корупциски скандали

Факт е дека непосредно пред убиството Викторија Маринова ја модерирала емисијата „Детектор“, во која тема била истрагата на сајтот „Бивол“ за корупциски скандали во врска со од власта фаворизираната градежна фирма „ЏиПиГруп“ и ЕУ-фондови. Во врска со неа, главниот обвинител соопшти дека е започната истрага и се запленети 14 милиони евра според Законот против перење пари, но без да соопштува детали.

Присуството на Цацаров и на Маринов пред медиумите во Русе сепак не успеа да одигра смирувачки ефект и синоќа илјадници луѓе се собраа во поголемите градови во земјата на бденија во спомен на убиената новинарка. Такви манифестации имаше во Пловдив, Стара Загора, Плевен, Јамбол, Сливен и Видин, но најмасовните, разбирливо, беа во Русе и во Софија, каде што меѓу луѓето доминираа тивок гнев и недоверба кон властите.

„Тука сум за да го изразам незадоволство од работите кои се случуваат во државата, а уште еден повод е бруталното убиство на младата жена кое веќе ме тера да мислам дека сме на нивото на Русија според слободата на медиумите и владеењето на правото. Не можам да кажам која е веројатната заднина, бидејќи директно поврзување на случајот со корупциски скандал би било премногу наивно. Сепак постојат докази кои треба да се испитаат и да се утврди дали убиството всушност е поврзано на некој начин со работата на оваа девојка, но случајот е шокантен “, изјави Калојан Донски, учесник во бдеењето во главниот град.

Bulgarien Gedenken Viktoria Marinowa in Russe (Getty Images/AFP/D. Dilkoff)Протести и бденија за убиената новинарка во повеќе градови

Каква и да се покаже вистината, за него „тоа едноставно е еден последователен скандалозен случај од десетици, па дури и стотици други, кои се буквално несфатливи”.

„Според мене, властите се одговорни со својата неодговорност – со тоа што нема никаква јасна индикација дека сакаат да преземат какви било мерки со кои ќе ги спречат зачестените случаи и на семејно насилство, и воопшто да ги заштитат жртвите, заедно со капитулацијата во поглед на темата Истанбулска конвенција (Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство, н.з). Не даваат никаков јасен сигнал со или без Истанбулската конвенција, воопшто не станува јасно дали овие луѓе сакаат нешто да се промени во рамките на бугарското општество во однос на овие случаи “, додаде Иван Петков.

На собирот во Софија беа истакнати две конкретни барања, кои присутните ги поздравија со аплауз – независна меѓународна истрага за убиството на Викторија Маринова и оставки на Сотир Цацаров и владата на премиерот Бојко Борисов. Претходно, во понеделникот, Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, побара меѓународна контрола над работата на Обвинителството за случајот Маринова.

DW.COM

Сподели: