УЈП: Наjвисоката годишна плата во 2016 година изнесува 2,7 милиони евра

Сподели

Највисоката годишна бруто-плата за 2016 година, била исплатена во приватното здравство и изнесува 2,7 милиони евра, информираше директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. Највисокиот исплатен бонус на годишно ниво е 416.000 евра.

– Лани годишна даночна пријава до УЈП поднеле 439.689 граѓани кои пријавиле годишни бруто-приходи во износ од 173.592.004.847 денари, како и персонален данок во износ од 10.133.228.081 денар. Наспроти нив, 63 илјади физички лица не доставиле годишна даночна пријава во законски пријавениот рок до 15 март – информираше Лукаревска.

Податоците од УЈП покажуваат дека граѓанин од Скопје, пријавил годишен приход од 3,6 милиони евра. Највисок годишен бруто-приход, само по основ на пензија, лани е пријавен, исто така во Скопје, во износ од 30.000 евра.

Граѓаните пријавиле добивки од игрите на среќа, обложувања, казино и учество во наградни игри, од 16 илјади евра до 400 илјади евра, при што највисока добивка, односно вкупен бруто-приход од игри на среќа остварил жител на Скопје, кој само по тој основ пријавил околу 400.000 евра.