Вести Свет Ударни вести

Украина скептична за руската „добра волја“ да ги намали нападите на Кијив и Чернихив

Сподели:

 

Иако Русија вчера увери дека „драстично ќе ги намали“ воените операции во две клучни области на Украина, „за да ја зголеми меѓусебната доверба“ во мировните преговори, изгледа дека во Украина има значителен скептицизам кон тоа, јавува Би-Би-Си.

Одлуката да се намали обемот на операциите околу главниот град Кијив и северниот град Чернихив е првиот знак за суштински напредок, но сепак не е разјаснето колкаво ќе биде намалувањето на воените активности и Украина останува во скепса. И САД и Обединетото Кралство велат дека ова ветување треба да се следи со претпазливост.

Па така, изминатава ноќ имало гранатирања и бомбардирања во Киев, Чернихив и во регионот Луханск.

Во вторникот заменикот-министер за одбрана на Руската Федерација, Александр Фомин рече дека земјата „радикално, неколкукратно ќе ги намали воените активности“ околу Кијив и Чернихив, додавајќи дека има прогрес кон „неутралност и не-нуклеарен статус на Украина“, коишто се двете главни очекувања на Москва.

Сепак, во Украина тоа беше пресретнато со скептицизам.

„Украинците не се наивни луѓе. Можеме да кажеме дека сигналите… се позитивни, но тие сигнали не ги заглушуваат експлозиите на руските гранати“, порача претседателот на Украина Володимир Зеленски во ноќното видеообраќање до нацијата.

Намалувањето на нападите на Кијив се само прегрупирање, порача Олександер Даниљук, поранешен советник за национална безбедност на претседателот Зеленски. И Даниљук не верува во руското ветување, а исто така, и тој вели дека звукот на гранатирањата утрово ги потврдуваат неговите ставови, пренесува Би-Би-Си.

Даниљук е уверен дека Русија ќе ги насочи сите напори во преземање на Донецк и Луханск на крајниот исток, бидејќи, како што вели, Владимир Путин мора да прикаже победа. Сепак, Русија нема да го намали притисокот врз Кијив и Чернихив, посочувајќи дека токму тие два града се местата за кои Русија нуди де-ескалација, таму всушност украинските трупи многу напреднале во повторно освојување на териториите.

Состојбата на терен изгледа ги потврдува стравувањата. Гувернерот на северниот регион Чернихив рече дека нема намалување на руските напади и покрај ветувањата.

„Дали веруваме во тоа [ветувањето]? Се разбира не“, напиша гувернерот Вјачеслав Чаус на неговиот канал на Телеграм.

Тој вели дека руските сили „вршат напади на градот Нижин, вклучувајќи тука и воздушни напади, и цела ноќ го гаѓале градот Чернихив.

Руските оружени сили нападнале станбени области во градот Лисичанск во Луханск, напиша на неговиот Телеграм канал регионалниот воен заповедник Серхиј Хајдај, посочувајќи дека нападите почнале утрово во 6.30 часот по локално време и дека има уништени повеќекатници и има извештаи за загинати, но тие не може да се потврдат и моментално има многу рушевини и шут.

Експлозии се слушаат и надвор од Кијив утрово, но не се знае дали извршители на нападите се руските или украинските сили, јави Би-Би-Си./мета.мк

Сподели: