(Видео) МВР: Во продолжение на акцијата „Ќелија“ уапсени се четири лица

Сподели

Screenshot

Во продолжение на акцијата „Ќелија“, полицијата ноќеска упаси четири лица за кои постојат основи на сомнение дека биле дел од терористичката огранизација Исламска Држава.

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против С.Р.(26), Б.С.(32), Б.Г.(23), Е.У.(36), Ф.И.(31) сите од Скопје, М.М.(38) од Тетово и С.И.(27) од Куманово. Кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело учество во „терористичка организација“, односно припадник или тој што помага на било кој начин по член 394-а став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија, информираше денеска на прес-конференција Дејана Недељковиќ од министерството за внатрешни работи.

Таа додаде дека по спроведените претреси на дом и други простории, по наредба од Основен Суд Скопје 1 Скопје, на седум локации од кои шест во Скопје и една во Тетово, пронајдени и обезбедени се четири лица Б.Г., Ф.И., Е.У. и М.М., додека за две лица постојат оперативни сознанија дека се уште се наоѓаат на територија на Сирија, а едно лице Б.С. е во бегство и се уште е недостапен за органите на прогонот.

-При претресите кои беа извршени од вчера вечерта до изутринава беа пронајдени и со потврда одземени
следните предмети: пет десктоп компјутери, два лаптоп компјутери, 19 мобилни телефони, девет СИМ картички, држач за СИМ картици, девет УСБ стикови, 50 цедиња, мемориски картици, заштитна маска, три патни исправи, маица со натпис на арапски јазик „Исламска Држава е Вечна“ и други документи кои ќе бидат предмет на дополнително вештачење – рече Недељковиќ.

Од страна на Јавното обвинителство за четирите лица кои беа обезбедени доставен е предлог за определување на мерка притвор во траење од 30 дена.

Акцијата „Ќелија“ беше спроведена во август минатата година, кога беа уапсени девет лица – поврзани со регрутација и логистика за странски терористички организации, а подоцна беа пронајдени уште двајца осомничени. Сите 11-мина ја признаа вината и добија затворски казни.

META.MK