Вести Македонија Ударни вести

Владата го испрати до Собранието предлог законот за попис – ВМРО-ДПМНЕ бара консултации

Сподели:

 

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека власта ја нема консултирано опозицијата за спроведување на пописот, предупредувајќи дека нема да го поддржат одржувањето на најавениот попис во април 2021 година. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат пописот да биде статистичка, а не политичка операција, и да се спроведе со почитување на европските критериуми за попис пропишани од ЕУРОСТАТ, која е институција за вакви дејности во Европската унија.

 

“Пописот во Македонија е клучно политичко прашање. Сега ќе почне и расправа во Собранието на таа тема. Затоа што после Рамковниот договор правата за помалите етнички заедници е според процентот кои што ги има во државата. Тоа е еден Либански модел за кој што јас сум против. Затоа што неможе еден човек да го цениш според процент, туку според квалитет. Затоа членови на СДСМ се пишуваат како албанци за да добијат работа, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.

Инаку, од друг аспект пописот е важен од економски аспект. Инвеститори доаѓаат во Македонија и сакаат да инвестираат во одреден град и незнаат со колку луѓе располага тој град. Во таа насока гледано економски пописот е многу битен, а политички е прашање е број еден во Македонија неможе да има попис без консензус. Мора да има разговор со опозицијата, и не само со ВМРО-ДПМНЕ, туку и со албанската опозиција. Мора да има консензус за да има доверба во пописот. А што прави СДСМ со ДУИ го турка на сила. Го пуштиле предлогот на Бојан Маричиќ во Собрание, ниту ни се јавиле ниту не побарале. Да ги предупредам од тука вечерва дека си играат со оган, бидејќи ова е исклучително важно политичко прашање. Затоа ВМРО-ДПМНЕ додека не биде вклучено од самиот почеток во подготовката и изгласувањето на законот за попис, не сум сигурен дека ќе ги признае резултатите од пописот. Нека се прави пописот според ЕУРОСТАТ или според моделот во Словенија, ете Словенија е членка на ЕУ, дециден е Николоски.

Владата го испрати до Собранието предлог законот за попис, којшто треба да влезе во собраниска процедура. Со предложеното законско решение пописот е предвидено да се одржи во април 2021 година, а поради тоа што е испратен минатогодишниот текст на законот, од опозицијата веќе се изјаснија против ваквото законско решение.

Во меѓувреме, Државниот завод за статистика отпочна со подготовките за спроведување на попис, којшто за последен пат во земјава е спроведен во 2002 година. Изминатово лето се спроведе пробен попис во неколку пилот општини, а набавени се и неопходните лап топ компјутери и софтвер за спроведување на попишувањето на населението.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во одговор на новинарско прашање  изјави дека сме единствени во регионот, а и во Европа во која не е одржан попис веќе 18 години.

„Затоа, Владата остана на оној текст на законот што веќе го поднесе во Собранието претходно. Значи, ние мислиме дека изградивме еден систем во кој нема да има Државна пописна комисија, туку целиот процес ќе се одвива преку Заводот за статистика“, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ.

 

Тој појасни дека во однос на оние одредби кои се однесуваат на роковите што веќе се истечени, бидејќи важеле во моментот кога е поднесен законскиот текст, Маричиќ истакна дека во соработка со пратениците, преку амандмани ќе се обидат да ги корегираат тие рокови за да може да функционира законот и кога ќе биде донесен тој, да биде спроведен пописот во април 2021 година.

Маричиќ додаде дека секое натамошно одолговлекување на процесот на разговори, преговори и повторно отворање на текстот на законот може само да доведе до ново одлагање на операцијата.

Сподели: