Владата ќе ги субвенционира придонесите за зголемените плати

Сподели

 

Министерство за труд и социјална политика подготвува предлог-закон за  субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

„Со предлог-законот се уредува висината, условите и начинот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување по основ на зголемување на плата. Целта е да се стимулира зголемување на платите на вработените во приватниот сектор преку финансиска поддршка за работодавачите кои ќе извршат зголемување на платата на вработените поради што се наметна потребата од законско регулирање на мерка за субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување како финансиска поддршка од Буџетот на РСМ“, се вели во образложението објавено на Единствениот национален електронски регистар на прописи(ЕНЕР).

Крајниот рок за подготовката на овој закон е 30 септември, а со него треба да направи терен за реализација на мерката што деновиве ја најави премиерот Зоран Заев.

„Со ребалансот на Буџетот, предвидуваме 40 милиони евра за нова економска мерка за поттикнување на порастот на платите. Работодавците кои ќе ги зголемат платите на вработените до 100 евра, ќе бидат целосно ослободени од придонесите за пензиско и здравстено осигурување, а државата ќе ги покрие тие трошоци за сумата за која е покачена платата. Со ова се сузбива сивата економија и давањето плати во кеш. Ова е мерка за забрзан пораст на платите, но и за мотивирање на сите, особено младите луѓе, да останат во државата“, изјави Заев.