Д-р Крстески: Историјата и културата ја поврзуваат Европа

Сподели

 

Под мотото “Подобрување на искуствата со историското наследство – истражување на патиштата на културите”, во Шибеник, Хрватска се одржува Меѓународен научен собир посветен на историјата, архивистиката и дигитализацијата во 21-от век.
 
 
 
 
Целта на ваквите научни собири, во организација на европската асоцијација за архивско истражување – ИКАРУС, со седиште во Виена, е насочена кон архивска соработка “без граници”, поттикнување иновативни проекти и пристапи спрема истражувањето на историските извори, изградба на заедничка информациска инфраструктура и користење современи технологии за полесен пристап до историските извори и до другите содржини од областа на културата и културното наследство.
 
На овој научен собир, покрај високи претставници од Меѓународниот архивски совет, Фондацијата Еуропеана и од ИКАРУС, учествуваат и професори и претставници од: Велика Британија, Германија, Холандија, Латвија, Унгарија, Италија, Шпанија, како и од сите шест држави што произлегоа од поранешна Југославија.
 
“Ваквите научни собири секогаш даваат можност за размена на искуства во врска со архивското работење и со примената на современите методи во таа насока и во спроведувањето на дигитализацијата и поврзувањето на Архивите и воопшто поврзувањето на земјите и народите од Европа врз основа што ја даваат историјата и културното наследство” – истакна, меѓу другото, директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, кој ги нагласи и дострелите на нашето архивско работење во деветте одделенија, можностите за интензивирање на процесот на дигитализација на историските документи и материјали, подобрувањето на условите за работа и поголемата афирмација на историската научна дејност во корелација со методите на архивистичкото работење.