Претседателот на Владата Христијан Мицкоски соопшти дека на итна седница на Владата се донесени нов пакет вонредни мерки за ублажување на последиците од глобалната енергетска криза, со кои се намалуваат акцизите на горивата и се продолжува намален ДДВ.
“Продолжуваме со намалената стапка на ДДВ од 18 на 10 проценти, истовремено донесовме одлука со којашто се овозможува намалување на акцизите на дизелот за 4 денари, а за безоловните бензини 95 и 98 октански за 2 денари по литар со што драматично ќе се почувствува кај цените на бензините и на дизелот со што практично покажуваме и докажуваме дека се бориме да го зачуваме стандардот на граѓаните.
Доколку не се случеше ова намалување на акцизата тогаш литар дизел ќе беше отприлика 102 денари, можеби и над 102 денари така велат нашите калкулации, бидејќи берзата се затвори во четврток поради Велигденските празници и ќе се рестартира во вторник, а безоловните бензини 95 и 98 октански ќе беше поголем за 1,5 до 2 денари. Со ова намалување исто така ние имаме практично цена којашто ќе бидат минусирани 4 денари кај дизелот за литар, односно 2 денари кај безоловните бензини 95 и 98 октански.
„ОКТА“ ќе го продолжат попустот до крајот на месец април што значи дека за дизелот во овој момент имаме попуст од 3 денари по литар, а за безоловните бензини 95 и 98 октански ќе имаме дополнителни 2 денари за литар, или кога сето ова ќе се собере или сето ова ќе се изанализира тогаш доаѓаме до цена којашто за дизелот ќе биде иста како и до сега практично доколку се калкулира попустот од 4 денари за акцизата и 3 денари коишто го добиваме од „ОКТА“, така што оние 7 денари потенцијално зголемување по литар ги амортизираме, додека пак кај безоловните бензини 95 и 98 октански покрај оние 2 денари акциза по литар ќе имаме дополнителни 2 денари по литар намалување, односно ќе бидеме во минус од цената којашто беше во изминатиов регулиран период, односно изминатата недела.
Исто така дозволете ми да ве информирам дека минатата недела веќе конзумот, односно потрошувачката достигнала до рекордни 2.000.000 литри на ден.
Имаме жесток притисок на северната, јужната и западната граница каде што потрошувачката на одредени бензински пумпи е и триплирана, што значи дека граѓаните на соседните држави доаѓаат кај нас да ги полнат резервоарите и да ги користат услугите на бензинските пумпи.
Во овој момент немаме потреба од било какво ограничување бидејќи во разговор со трговците и со снабдувачот добив уверување дека нема опасност од тоа да бидат загрозени домашните потрошувачи и покрај тоа што од 1.500.000 конзумот е зголемен на 2.000.000 литри на ден и се надевам дека и така и ќе остане, односно се надевам дека сето ова што се случува во заливот ќе престане и дека состојбата во светот ќе се нормализира, односно режимот во Иран ќе престане да ја опструира природното право на трговија на земјите од заливот и навремено снабдување на останатите потрошувачи со нафтата и нафтените деривати од заливот.
Продолжуваме будно да ја следиме состојбата. Во постојана координација сме со сите релевантни институции, со енергетскиот сектор, со стопанството. Подготвени сме да преземеме и дополнителни мерки доколку тоа биде потребно,” – изјави премиерот Мицкоски.


