ВМРО-ДПМНЕ бара апсолутно мнозинство во комисијата за отповикување на Иванов

Сподели

13318462_10207900292738416_1541728214_n-860x680

Шест од вкупно 11 членови во новата комисија која ќе треба да ја оцени основаноста на предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов да бидат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, предложи Зоран Илиоски, претседател на комисијата за прашањата за изборите и именувањата.

Останатите пет члена треба да бидат од СДСМ (2), од ДУИ (2) и од ДПА (1).

Опозицијата смета дека овој предлог не е прифатлив, бидејќи според соодветна застапеност на пратениците, СДСМ и коалициските партнери заслужуваат три, а не два члена.

– Немате право да го правите ова. Доставивме писмен предлог со тројца наши членови. Вие можевте и со ДУИ да имате мнозинство, но очигледно е дека не му верувате на вашиот коалициски партнер.  Сакате да го одбраните Иванов, но треба да бидете свесни дека ова е неодбранливо. Никој не ви верува дека сте против аболицијата – рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески.

Илиоски посочи дека владејачката партија е против аболицијата, но сепак, тоа е уставно право на претседателот и од таа причина, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи барањето за импичмент на Иванов.

– Комисијата нема да носи заклучоци туку технички ќе го достави извештајот до Собранието. Одлуката ќе се носи на пленарна седница – рече Илиоски.

Од  ДУИ и ДПА рекоа дека ја поддржуваат иницијативата на СДСМ.

– Свесни сме дека иницијативата нема да помине. Поддршка од ДУИ имате, затоа што ние први побаравме Иванов да ја повлече аболицијата и ние ќе инсистираме на тоа – рече пратеникот од  ДУИ, Рафиз Алити.

Имер Алиу од ДПА, рече дека предлогот комисијата да брои шест члена од ВМРО-ДПМНЕ е неисправен. Тој побара уште еднаш да се разгледа соодносот на членовите, со цел да се види каде ќе одат одлучувачките гласови од ДУИ.

По расправата, без да донесат одлука, пратениците зедоа еден час пауза.

На паузата од седницата на комисијата, изјави за новинарите дадоа Ермира Мехмети од ДУИ и Горан Сугарески од  СДСМ. Мехмети рече дека ДУИ ќе гласа за импичментот на Иванов, а за Сугаревски, денешниот предлог на Илиоски е потврда дека зад срамната, незаконска и неуставна одлука за аболиција стои Никола Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ бара апсолутно мнозинство во комисијата за отповикување на Иванов