ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ треба да се подготви да биде конструктивна опозиција

Сподели

Македонскиот народ ја отфрли деструктивната и антидржавна политика на СДСМ, а аболираниот криминалец Зоран Заев, на фер и демократски избори во неделата, виде дека насилството и вандализмот што го промовираше изминативе две години веќе немаат никаков легитимитет, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Заев и на соопштението на СДСМ.

„Мнозинството македонски граѓани на аболираниот криминалец Зоран Заев и неговата дружина му порачаа дека стигна крајот на беззаконието и платеничките револуции. На аболираниот криминалец Зоран Заев не му помогнаа, ниту поткупите на гласачи во Куманово, ниту поткупите на гласачи во Струмица, ниту поткупите на гласачи во источна Македонија. Македонскиот народ победи. Слугите на аболицираниот криминалец Зоран Заев кои ги извршуваа неговите наредби мора и ќе одговараат пред македонските закони“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека деновиве се гледаат последните обиди на Заев уште еднаш да ја фалсификува и украде волјата на Македонскиот народ и да ја пролонгира кризата.

„Наместо деструктивна опозиција, СДСМ треба да се подготви да ја преземе улогата на вистинска конструктивна опозиција. Колку побрзо, толку подобро и за Република Македонија и за граѓаните кои живеат во неа“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

meta.mk