Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС и даваат целосна поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство за решавање на постоечкиот проблем и потребата од изградба на гробишта за домашни миленици во општините. За овој проблем разговараа директорот на АХВ Оливер Миланов, со министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
“Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на праксата по смртта, труповите на милениците да не се фрлаат заедно со комуналниот отпад, или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации за таа намена, за што ќе треба да се направи и соодветна измена на одредени законски решенија”, изјави министерот Перински.
“Претстои дефинирање на локации во општините за нивна изградба и планирање на инфраструктурата која треба да се изгради, за да може тие целосно да се стават во функција на граѓаните, појасни градоначалникот Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека локалните самоуправи ќе дадат целосна поддршка во реализацијата.
Со соодветна измена на одредени законски решенија, во врска со проблемот со бездомните кучиња, предвидено е тој да се решава со вклучување на општински инспектори и општински комунални инспектори.
Ќе се воспостави систем на прифатилишта во секоја општина, и локалните самоуправи активно да се вклучат во имплементацијата на претстојните законски измени, изјави министерот Перински.
фото ЈП Лајка


