Вести Македонија

Вo среда седница на Уставниот суд со новиот претседател, СЈО не е на дневен ред

Сподели:

ustaven-sud-860x670-860x670-860x670

Уставните судии в среда, 9 ноември, во редовниот термин од 9 часот, ќе ја одржат првата седница со новиот претседател, Никола Ивановски. На седницата, како што може да се види од агендата објавена на интернет-страницата на судот, на дневен ред не е иницијативата за оценка на уставноста и на законитоста на Законот за Специјално јавно обвинителство.

В среда, уставните судии ќе расправаат по иницијативи за уставноста и за законитоста на членови од Законот за акцизите, Законот за катастар на недвижности, Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за заклучување на стечајните постапки остварени во согласност со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај, Законот за спортска академија, Изборниот законик и од прилог 1 и прилог 2 од Правилникот за начин и услови за регулирање на тарифи за пренос, управување со ситемот за пренос и дистрибуција на природен гас.

Новиот претседател, кој беше избран на 17 октомври, а од 1 ноември и официјално ја презеде функцијата, од својата претходничка, Елена Гошева, го наследи жешкиот костен со иницијативата за оценување на уставноста и на законитоста на Законот за Специјално јавно обвинителство (СЈО), која веќе една година е во фиоките на судот и досега сè уште не се нашла на дневен ред, и покрај бројните повици од опозицијата и од невладиниот сектор.

Последната седница уставните судии ја одржаа во понеделникот неделава, кога се простија од Гошева, како претседател. Таа и понатаму останува во деветчлениот состав на Уставниот суд.

Инаку, категоријата „судии“ на интернет-страницата на Уставниот суд не е ажурирана и Елена Гошева сè уште стои како претседател.

meta.mk

Сподели: