Вести Македонија Ударни вести

Во „Таргет-Тврдина“, Јанкулоска се брани претставувајќи се како жртва

Сподели:

 

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, во завршните зборови на денешното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ се брани претставувајќи се како жртва, тврдејќи дека не била вмешана во уништувањето на опремата, со која од 2008 до 2015 година се вршело незаконско прислушување на десетици илјади граѓани, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешната министерка е обвинета дека помогнала во уништувањето на опремата за прислушување, со тоа што го потпишала решението за формирање на Комисија во Управата за безбедност и контраразузнавање. Според Јанкулоска, решението што го потпишала било општо и не се однесувало на некоја конкретна опрема.

„Потпишаното решение е за формирање на Комисија во УБК за попис, расходување и ништење од листата на задолжување на опрема и технички средства во УБК и доколку констатира нејзина застареност, да изврши и ништење на сета опрема, а не за уништување на конкретна опрема“, рече поранешната министерка.

„Сите докази и сите сведоци кои беа испитани на таа околност, недвосмилено потврдија дека од документите и информациите кои ми биле достапни во тој момент, не произлегува дека предмет на уништување била некоја конкретна однапред определена опрема, ниту пак решението што сум ги потпишала упатува на уништување на конкретна опрема,“ додаде таа.

Јанкулоска потенцира дека нејзината совест е чиста, а кривичното дело кое Јавното обвинителство ѝ го става на товар, не го сторила.

„Јас и моето семејство претрпевме и сè уште трпиме огромни последици од незаконското прислушување, како на личен, така и на професионален план. За сето ова време, јас имам многу силен мотив овој скандал еднаш и засекогаш да се расчисти до крај и сторителите да бидат казнети, затоа што тоа е само една мала, но не и незначајна сатисфакција за жртвите. Во мојот случај наместо сатисфакција, од ЈО добив обвинение и барање за долгогодишна затворска казна,“ изјави Јанкулоска.

Во однос на уништувањето на опремата за прислушкување, во случајот „Таргет-Тврдина“ обвинети се 12 лица, вклучувајќи ги поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и 10 вработени во таа институција помеѓу кои и Горан Грујевски и Никола Бошкоски одамна се пребегани во Грција, која одби да ги екстрадира во Македонија. Судскиот процес започна на почетокот од 2018 година.

Обвинителката Ленче Ристоска на претходното рочиште, кога завршниот збор го имаше обвинителството, истакна дека „не се работи за сценарио од филм, ниту за крими роман, туку за афера за која постојат материјални докази, а и искази на сведоци кои тоа го потврдиле.“

Обвинителката пред судот објасни како се случувало прислушкувањето, како се ваделе материјали, кој имал пристап до системите. Според обвинителството, незаконското прислушување се одвивало преку три системи за следење на комуникации во УБК, а станувало збор за незаконско прислушување на 4.286 телефонски броја, за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

meta.mk

Сподели: