Македонија доби препорака за ЕУ, реформите ќе бидат решавачки

Сподели

Македонија доби препорака за почеток на преговори за членство. Во извештајот за напредокот на земјава, објавен денеска во Стразбур, Европската комисија дава зелено светло за преговорите да почнат, јавува Гласот на Америка.

„Задржувањето и продлабочувањето на сегашниот момент за итните реформски приоритети ќе биде решавачки. Комисијата, за ова да го поддржи, ќе применува засилен пристап во преговарачките поглавја во делот на судството, фундаменталните права и правдата, слободата и безбедноста во земјата“, пишува во документот.

Комисијата нотира „позитивна промена во политичкото размислување – нешто што го немало во изминатите години, и што било пречка во реформскиот процес”.

Во извештајот се забележува дека и покрај тешкотиите поради отсуството на главната опозициска партија, од декември до крајот на јануари, главните стратегии и закони биле усвоени, а многу други се во подготовка за усвојување во наредните месеци.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека се е во наши раце.

„Сакаме други да обвинуваме за нашите проблеми – дали се тоа соседите, Брисел, и велиме никој не не сака, но, се` е во наши раце. Никој не рече дека градењето европска демократија е лесно“, рече Димитров.