Возот кон Белград и Солун ќе сообраќа само до 16. септември

Сподели

 

И годинава експресниот воз „Хелас експрес“ кон Белград и Солун ќе сообраќа само до крајот на летото. Единствената железничка врска за македонските патници кон странство ќе престане да сообраќа на 16 септември. Од Железници на РСМ – Транспорт за „Мета.мк“ велат дека возот годинава сообраќа како сезонска линија токму поради економски причини.

Бројот на патници кои патуваат со воз кон Белград и Солун од година во година се намалува, а со тоа постанува непрофитабилно да се одржува експресниот воз во текот на целата година.

– За втората половина од месец јуни 2018 година имало 642 патника, а истиот период од 2019 година – 385 патника – посочуваат од Железници на РСМ – Транспорт.

Намалувањето на интересот за возот како превозно средство е првенствено поради времетраењето на патувањето. Според актуелниот возен ред, на возот меѓу Скопје и Белград му се потребни 9 часа и 55 минути за да го мине целокупното растојание. Со изградбата на автопатот во Грделичката клисура, како и со воведувањето на заедничката гранична контрола на Табановце, на некои автобуски линии им е потребно двојно помалку време за да ја минат идентичната релација. Во делот на железницата, заедничката гранична контрола на границата меѓу Македонија и Србија ќе стартува дури во 2023 година.

Возот „Хелас експрес“ беше воведен на 15 јуни годинава, како поевтина можност за патување кон Солун и Белград за македонските граѓани. До 16 септември, возот ќе продолжи да сообраќа од Скопје кон Солун во 4:45 часот наутро, додека од Скопје за Белград ќе поаѓа во 22:19 часот.