За владејачките партии, постигнат е благ напредок во преговорите

Сподели

nikola-todorov-przino-860x680

Политичките партии постигнале благ напредок на денешната средба со амбасадорите Џес Бејли и Аиво Орав во резиденцијата на Европската Унија во Пржино. Како што изјавија претставниците на владејачката коалиција, Никола Тодоров и Артан Груби, се разговарало за прочистувањето на избирачкиот список и за реформите во медиумите.

Артан Груби рече дека е оптимист и се надева дека со конструктивен пристап наскоро ќе има договор. Тој истакна дека околу избирачкиот список за неговата партија е битно да не се бришат гласачите со право на глас само за да се добијат политички поени.

– Гледам доближување на ставовите и предлозите се речиси достапни за сите. Се надевам дека со конструктивен пристап и со мали отстапки од партиите, конечно ќе постигнеме договор – изјави Груби по средбата.

Тодоров рече дека денеска генерално разговарале за две работи – прочистувањето на избирачкиот список и медиумските реформи.

– Сметаме дека е сосема непотребно 170.000 гласачи да се обележат со ѕвездичка како знак дека се од дијаспората, како и тие повеќе од 30.000 што ДИК ги најде за спорни да се избршат ако сами не се пријават на јавниот увид. Сепак, одлучивме да го прифатиме барањето на СДСМ за да докажеме дека ВМРО-ДПМНЕ изборите ги добива со проектите и со довербата од граѓаните, а не со манипулации во избирачкиот список. Околу медиумите, нашата партија има став дека ниту еден медиум и новинар не треба да биде казнет за напишан текст или прилог. Формирање на некое централно цензорско тело што ќе одлучува дали некој прилог е во ред е сосема непотребно. Не сакаме медиумите да бидат доведени во ситуација да се казнуваат и да пишуваат по порачки. Исто така, бараме сериозно намалување на казните – изјави Тодоров.

Одговорајќи на новинарско прашање, Тодоров рече дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш е подготвена за компромис, а околу датумот за избори тој додаде дека нема да дозволат изборите да бидат третпат одложени.

– Треба да се осигураме дека сите услови за избори се исполнети и сите тоа јавно да го кажат, па потоа ќе договараме датум за избори. Во однос на денешната средба, сметам дека има благо добилжување на ставовите – рече Тодоров.

Претставниците на СДСМ и на ДПА, Рената Дескоска и Имер Алиу, како и двајцата амбасадори, Аиво Орав и Џес Бејли, не дадоа изјави за медиумите.

Од партиите најавија дека деновиве ќе се одржи уште една ваква работна средба.

meta.mk