Заедничка седница на македонската и на бугарската влада во Струмица

Сподели

Владите на Македонија и на Бугарија денеска во Домот на АРМ во Струмица ќе одржат заедничка седница, а со седницата ќе заседаваат двајцата премиери Зоран Заев и Бојко Борисов и како што е најавено, ќе бидат потпишани и неколку договори и меморандуми.

Средбата помеѓу двете делегации почнува во 10 часот, кога премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов ќе положат цвеќе на споменикот на загинатиот македонски претседател Борис Трајковски.

Владината седница ќе почне во 11 часот и на неа министрите ќе потпишат девет документи за билатерална соработка во областа на надворешната политика, инвестициите, енергетиката, одбраната, туризмот, телекомуникациите, инфраструктурата и реакцијата при катастрофи.

Според соопштението од бугарската влада, „заедничката седница е континуитет на позитивниот дијалог и партнерството меѓу двете земји“, а најавата за нејзино одржување доби голем простор во бугарските медиуми.

Договорите се дел од Договорот за пријателство, соработка и соседство, потпишан на 1. август оваа година.

Во 12.20 часот делегациите ќе имаат заедничка прес-конференција, по што бугарската владина делегација ќе ѝ предаде донација на Општина Струмица.