Вести Македонија

Заедно за поубаво Пехчево: Заедничка акција за чистење на речното корито на реката Писа

Сподели:

 

Успешно заврши заедничката акција за чистење на речното корито на реката Писа во општина Пехчево во рамки на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, во соработка со Локалната акциска група (ЛАГ) Малеш-Пијанец.

 

 

Благодарејќи на сплотеноста на заедницата и граѓанскиот активизам, повеќе локални чинители – населението, Општина Пехчево, ЈКП Комуналец, бизнис секторот и граѓанските организации од регионот се вклучија во оваа заедничка акција која цели кон подобрување на состојбата на животната средина преку иницирање на соработка и активизам на жителите на општина Пехчево и подигнување на еколошката свест за значењето од заштита на водите и живиот свет во нив.

Заедничката акција предвидуваше чистење на речното корито на реката Писа во должина од 420 метри, почнувајќи од мостот во центарот на градот Пехчево, отстранување на нанесената земја, нискостеблестата вегетација и отпад како и санација на кејот и поставување на урбана опрема и хортикултурно уредување.

 

 

По тој повод, на 13 јули, претставници од Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија заедно со претставници од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и ЛАГ Малеш-Пијанец го посетија Пехчево каде ги погледнаа исчистеното речно корито, уредениот кеј како и забавните настани по повод празникот на градот – Павловден и се запознаа подетално со културата и традицијата на оваа општина. Манифестацијата по повод празникот на градот претставуваше можност за јавно претставување на заедничката акција пред пошироката јавност.

 

 

Досега, во рамки на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, успешно се реализира и заедничка акција во селото Ума, општина Гевгелија, а во тек се и неколку акции во останатите целни општини на проектот. Програмата на УСАИД за развој на заедницата го унапредува одржливиот развој на руралните средини во Северна Македонија преку зголемена вклученост на локалните чинители во препознавање и приоретизација на вистинските потреби на заедницата – при тоа потпирајќи се на сопствените ресурси и на зголемениот ангажман на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор во заедничките социо-економски и еколошки иницијативи.

Сподели: