Заев и Бошкоски ја потпишаа „Платформата за демократска Македонија“

Сподели

Ljube-Boskoski-Zaev-860x680

Лидерите на СДСМ и на Обединети за Македонија, Зоран Заев и Љубе Бошкоски денеска на заедничка средба ја потпишале „Платформата за демократска Македонија“ и договориле соработка меѓу двете партии, соопштија попладнево од СДСМ.

На средбата, Заев и Бошкоски разговарале за „соработката во рамките на широкиот демократски фронт“ и за надминувањето на политичката криза преку одржување на фер и кредибилни избори во Македонија со исполнување на сите услови.

Заев, на средбата, го изразил „своето задоволство што повторно го гледа Бошкоски на слобода“ и напоменал дека политички монтираните случаи мора да престанат.

„Вистината секогаш победува. Тоа треба да му е јасно на секој. Заедно со граѓаните им ставаме крај на политички монтираните случаи, реализирани преку партизираното судство. Оваа борба за правда и правичност е искрена и таа ќе вроди со плод. Во Македонија ќе се вратат правдата, слободата и демократијата“, рекол Заев.

Бошкоски, пак, од името на Обединети за Македонија, дал целосна поддршка на клучните чекори што мора да се исполнат, односно Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Законот за Специјално јавно обвинителство, да прекине прогонот на демонстрантите и да се обезбеди целосно владеење на правото.

Бошкоски на 3 јуни, оваа година, беше пуштен на слободна од затворот „Идризово“ откако ја отслужи петгодишната затворска казна за случајот „Кампања“. Тој беше осуден за незаконско финансирање на изборната кампања на партијата пред парламентарните избори во 2011 година.

meta.mk