Вести Македонија Ударни вести

Заев: Политичките лидери треба да ги обезбедат сите услови младите да го прифатат и предводат бранот на промени

Сподели:

 

„Трансформацијата која започна да го менува регионот создава услови да ги аплицираме и примениме европските стандарди во секојдневието и во комуникацијата меѓу народите во регионот. Нема поубава порака за нашата иднина за десетина години од сега, од оваа кога младите луѓе се собрани на едно место да испратат порака дека се охрабрени и мотивирани и дека сакаат активно да учествуваат во креирањето на сопствената иднина во регионот и во Европа“, истакна денеска Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на завршната пленарна сесија „Западен Балкан во 2030 – Визии. Желби. Реалности.“, во рамки на Четвртиот Форум за младинско лидерство што се одржа во Нови Сад.

 

 

„Политичките лидери од регионот треба да ги обезбедат сите услови младите да го прифатат бранот на промени тука, во своите земји, во регионот и да станеме конкурентен дел на Европа. Регионот се менува и тоа е незапирлив процес, а младите треба да се двигатели на тие промени. Не може да чекаме некој друг да ни помогне“, истакна премиерот Заев.

Тој потенцираше дека треба да ги обезбедиме сите услови младите да учествуваат во изнаоѓањето решенија за предизвиците и проблемите со кои се соочува нашиот регион и Европа.

„Сите сме охрабрени од потенцијалот на нашиот регион да произведува соработка, добри вести, реформи и решавање на проблемите, како и од пријателствата што ги имаме ширум Европа и светот. Сите сме силно мотивирани да направиме повеќе од нас и за нас, за да му докажеме на целиот свет дека национализмот, конфликтите и проблемите се зад нас, а прогресивниот дух, желбата за соработка и решавање на заедничките проблеми се пред нас“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев за одлуката да не им биде овозможен старт на преговорите на нашата земја и на Албанија, и која имаше силно негативно влијание во целиот регион, потенцираше дека таа не смее да влијае на мотивацијата за трансформацијата на општествата во земјите на Западен Балкан, и дека реформите и промените согласно европските стандарди треба да добијат уште поголема динамика.

„Пред неколку години тешко седнувавме на маса, а сега покренуваме заеднички иницијативи, соработуваме, си помагаме, се изградија видливи пријателства. Тоа го правиме преку Берлинскиот процес и Регионалната економска област. Но, тоа го правиме и преку процесот за напредна регионална соработка која ја инициравме со претседателот Вучиќ и премиерот Рама. Направивме искрена и корисна иницијатива отворена за сите од регионот. Низ дијалог, пријателство, низ соработка, ќе ги забрзаме развојните процеси во овој дел на Европа, во интерес на младите“, нагласи премиерот Заев на завршната пленарна сесија „Западен Балкан во 2030 – Визии. Желби. Реалности.“, како и на прес-конференцијата веднаш по повод Четвртиот Форум за младинско лидерство што се одржа во Нови Сад.

Сподели: