Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Ѕанакопулос: Договорот од Преспа секако дека е жив

Сподели:

Договорот од Преспа секако дека е жив. И двете страни, и поранешната југословенска Република Македонија и Грција, се решени да се борат за договорот да стапи во сила, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Њуз247”.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ѕанакопулос го повтори ставот на грчкото МНР дека резултатот од референдумот е контрадикторен, но додаде дека „ако не греши референдумот имаше поголема излезност од на пример излезноста на претседателските избори”.

– Мислам дека е во апсолутно правилна насока иницијативата на господинот Заев, дискусијата да ја пренесе во Собранието и да се обиде да го формира потребното мнозинство за уставната ревизија. Ние тесно ги следиме случувањата, ја поддржуваме иницијативата на господинот Заев, го поддржуваме обидот да го промени Уставот за да може и грчката Влада да го ратификува договорот за да стапи во сила- рече портпаролот на грчката Влада.

Во однос на позициите на владиниот коалициски партнер, Панос Каменос,  Ѕанакопулос објасни дека не постои причина за загриженост за иднината на Владата.

– Пред неколку дена господинот Каменос се сретна со премиерот и рекоа дека прашањето со договорот од Преспа, во однос на парламентарниот аспект, одново ќе го разгледаат во март- објасни Ѕанакопулос.

За информациите дека Нова демократија, можеби повторно ќе достави иницијатива за гласање недоверба на Владата поради договорот од Преспа, Ѕанакопулос рече дека со сигурност може да каже дека и таа иницијатива, опозициската партија „ќе ја загуби, како што ја загуби во јуни”.

Сподели: