Започна издавањето лични карти со новото уставно име на државата

Сподели

 

Министерството за внатрешни работи од денеска ќе издава лични карти со новото уставно име на државата Република Северна Македонија, а околу 40 илјади граѓани ќе можат да ги подигаат новите документи.

МВР два месеца не можеше да издава лични карти со новото име на државата, бидејќи во Собранието е заглавен Законот за лични карти, кој опозицијата го блокира со над 1.500 амандмани. По бројните реакции на граѓаните и неможноста да се добијат услуги од институциите, Владата со подзаконски акт ја одблокира постапката.

За опозицијата, регулирањето на ова прашање со подзаконски акт е кршење на Уставот и на законите, а според Владата, издавањето на лични карти и без да се донесат законските измени е сосема легално.

Ставањето на новото име на државата Северна Македонија во лични документи е предвидено со Договорот од Преспа со Грција, со кој се реши повеќедеценискиот спор за името Македонија. Врз основа на тој договор, Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија на 12 февруари 2019 година.

Старите лични карти на кои сè уште не им е истечен рокот ќе важат до 12 февруари 2024 година.