Здравствените власти не можат да достават до 450 лица решенија за самоизолација

Сподели

 

Министерот за здравство Венко Филипче денеска обелодени дека има 450 лица кои не сакаат да ги примат решенија за самоизолација. Тој потенцираше дека во јавноста ќе објават листа со овие лица кои даваат погрешни лични податоци или воопшто не се достапни за здравствените власти, а со тоа се потенцијална опасност за натамошно ширење на болеста ковид-19. Станува збор за лица кои биле во контакт со лица за кои е потврдено дека се заразени со корона вирусот.

– Тоа се луѓе кои се огромен ризик ако се асимптоматски носители на вирусот и доколку се движат помеѓу луѓе и не почитуваат самоизолација, може болеста да ја шират – изјави министерот Филипче.

И додека се чека листата на несовесни граѓани што не соработуваат со здравствените власти, од МВР секојдневно стигнуваат нови податоци за лица што не ја почитувале веќе изречената мерка за изолација и самоизолација. Станува збор за граѓаните што ги потпишале ваквите решенија, но при контролите на полициски службеници, утврдено е декане биле во своите домови. Само вчера биле откриени три лица што не ја почитувале мерката за изолација, додека едно лице не ја почитувало мерката за самоизолација.

Во меѓувреме, со порастот на бројот на новозаболени лица од ковид-19, расте и бројот на лица што е задолжително да одат во изолација или самоизолација. Во изминатово деноноќие на 702 лица им се издадени решенија за изолација, додека 210 лица потпишале изјави за самоизолација.