Петар Атанасов до Универзитетска Изборна Комисија

Сподели

 

Отворено обраќање до Универзитетската изборна комисија
Почитувани колеги од Универзитетската изборна комисија за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Сакам да ви се обратам јавно и да споделам со Вас неколку суштински факти за мојата кандитатура и вашата „одлука“ за нејзиното отфрлање.
Вчера, јас како кандидат, ја отстранив „единствената“ пречка за моја успешна квалификација во натпреварот за во овој момент најпрестижната академска титула кај нас, позицијата ректор на најдобриот македонски Универзитет. Немој да се двоумите околу ова.

Јас сум 30 години активен во македонското општество и секогаш сум бил отворен и со медиумите и со јавноста. За среќа, секогаш сум бил и на вистинската страна во сите поважни моменти во нашата понова историја. Распрашајте се кој е што во ова општество и кој за што се залагал во изминатите 10-15 години.

Независно од тоа како сте работеле, за што ќе сносите законски последици (повторувам дека единствено против членот од Универзитетското студентско собрание нема да преземам никакви правни дејства), независно од начинот на кој сте ги носеле своите одлуки, независно од тоа колку „други“ влијаеле врз Вашите одлуки, независно од тоа кој кого лобирал или манипулирал со збор или со подметнат документ за изборни правила, Вие направивте една СУШТИНСКА грешка. Ова докажува дека Комисијата не е на висината на задачата и дека не е способна да го води овој процес според законските и статутарните одредби и регуларно да ја заврши оваа постапка.

Почитувани членови на Универзитетската изборна комисија, Вие НЕ СТЕ НАДЛЕЖНИ ниту да ја цените ниту да ја оценувате изборната Програма на кој било кандидат. Вие немате право да кажувате дали и каква е изборната програма на кандидатите. Нашите програми се наш избор. Дали Мојата програма има една реченица, една страница или е тоа книга од 100-ина страници, НЕ Е ВАША РАБОТА. Цитирајте ми еден член од Законот за високо образование или Статутот на УКИМ кој Ви дава за право да ги оценувате изборните програми на кандидатите. Затоа, ВИЕ НАПРАВИВТЕ ГОЛЕМ ЗАКОНСКИ ПРЕСТАП навлегувајќи во дејствија кои НЕ СЕ ВАША НАДЛЕЖНОСТ. По ниту еден член. Вие требаше само да констатирате дека имам поднесено пет документи во печатена и пет документи во електронска форма. Како и сите други кандидати. Што има во Програмата или во електронскиот документ со Програмата НЕ Е ВАША РАБОТА. Јас можам во Програмата да ставам само една реченица: „Јас Петар Атанасов, редовен професор на УКИМ, заедно со Вас професорите, студентите и вработените од УКИМ, ќе работам посветено и со многу желба и енергија за УКИМ да стане најпрвин РЕСПЕКТИРАН СУБЈЕКТ И ПАРТНЕР НА ИНСТИТУЦИИТЕ НА ВЛАСТА, да обезбедиме финансии за НОВ ИСТРАЖУВАЧКИ ЦИКЛУС, заедно со студентите да го направиме универзитет НАШ ЗАЕДНИЧИ ДОМ, да го отвориме Универзитетот кон општеството и економските процеси и да го вмрежиме УКИМ со европскиот академски простор и да го вратиме онаму каде што му е местото, меѓу првите 1000 универзитети во светот.“

И со оваа реченица, драги мои колеги, јас можеби ќе го добијам изборниот натпревар. Ова што го направивте Вие е голем срам за Вас и за Универзитетот.  Лозинката за мојот електронски фајл со Програмата можеше да го споделам со Вас и после моето официјално прогласување за кандидат во оваа веќе невкусна и лоша претстава.
Еве, јавно Ве прашувам, како Комисија, КАКО гласавте за отфрлањето на мојата кандитатура? Или, пак, онака „другарски“ констатиравте дека имам доставено „некомплетна“ документација. Ако имало гласање Ве молам на јавноста да и соопштите кој бил за отфрлање а кој бил против.

Она што Вие единствено можете да го направите е да излезете денес во 16 часот и да соопштите дека е се во ред со мојата кандидатура и дека сум официјален кандидат за избор на ректор. Тоа ќе биде Вашата поддршка за фер и чесен натпревар во оваа законски нерегуларна процедура. Вие, покрај другото, ми украдовте пет денови кои можев да ги искористам за моја промоција и за промоција на мојата кандидатура (тоа само некои темни умови и карактери можеа да го смислат!
Бидејќи мојата Програма е се уште „замрзната“, на увид на јавноста ја ставам мојата биографија, за луѓето да оценат и да судат колку и како се почитуваат вредностите во ова општество. Кој и колку придонесол за општо добро.

По 16 часот ќе ја објавам и мојата Програма за развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, па јавноста и колегите на УКИМ нека судат според својата совест и сознанија за Нас и за Себе. Оваа Програма е работена три месеци во тим кој се состои од десетина прекрасни личности и добри професори на УКИМ и одлични познавачи на високото образование.

Проф. д-р Петар Атанасов, редовен професор на УКИМ и кандидат за ректор.