Зекири за АA: Албанците гласаа за СДСМ, за нејзината визија и понуда

Сподели

СКОПЈЕ (АА) – Парламентарните избори на 11 декември во Македонија, како резултат на големиот интерес во рамките на земјата и од меѓународната заедница, донесоа и иновација на политичката сцена во земјата. Оваа иновација се однесува на вклучување на етничките Албанци во листите на кандидати во редовите на македонската опозициска партија СДСМ.

Поранешниот албански новинар Мухамед Зекири за Anadolu Agency (АА) го коментираше последниот развој на настаните во врска со парламентарните избори во Македонија. Тој доби мандат на пратеник како кандидат од една македонска политичка партија, која за првпат во историјата на плуралистичка Македонија беше гласана масовно во местата населени со етнички Албанци.

Во интервјуто за АА, Зекири зборува за причините поради кои Албанците гласале за Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) предводена од Зоран Заев, за неговите ветувања, но исто така и за идните владини коалиции.

По критиките кон него од дел од албанската јавност во Македонија, според кои учеството на Албанците во македонска партија е погрешно, од оваа временска перспектива Зекири вели дека вреди да се преземе еден ваков храбар чекор.

„Вредеше целиот овој труд, бидејќи Албанците напишаа историја на овие избори. Со гласањето за СДСМ, Албанците го осудија овој режим и направија тој да не биде повеќе на власт и да не може да функционира на истиот начин како во изминатите 10 години. Ако не беа Албанците и нивните гласови, ова немаше да се случи. Албанците беа сензибилизирани и на најдемократски начин со своите гласови ја спасија Македонија и посведочија со нивните гласови дека ја сакаат оваа земја повеќе од самите Македонци“, рече Зекири.

СДСМ на овие избори, како ниедна друга македонска партија, излезе победник во некои етнички чисти албански села, но и во други области со доминантно албанско население. Мухамед Зекири вели дека врз основа на нивната анализа, бројот на Албанци што гласале за СДСМ се движи меѓу 50 и 70 илјади.

Тој вели дека кога ова би биле локални избори, СДСМ би победила во општините што традиционално им припаѓаат на Албанците.

„Кога ова би биле локални избори, ќе победевме во Арачиново и Студеничани, а она што ги изненади сите е дека победивме во Дебар“, вели Зекири.

Тој зборуваше за причините поради кои албанската заедница гласа за еден македонски политички субјект, што претходно било незамисливо.

„Поради тоа што тој за првпат се отвори за Албанците, визијата на овој субјект исто така беше дека Македонија е држава еднаква за сите“, истакна Зекири.

Тој додаде: „Главната цел поради којашто беше гласано и нашата цел поради којашто се вклучивме кон овој субјект е да дадеме придонес и да се стави крај на оваа власт која во различни форми ги има узурпирано институциите во земјата и како таква не функционираше, а тоа беше докажано преку проектот „Вистината за Македонија“, рече Зекири, според кој во Македонија првин треба да се врати правдата, безбедноста и економскиот просперитет, без кои Македонија не може да опстане како држава.

„Албанските граѓани ова најдобро го сфатија и ги казнија албанските владејачки партии за начинот на кој владееја, и гласаа за новите политички опции за да не ја дозволат старата форма на владеење со државата“.

Според резултатите, јасно е дека ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да можат да формираат влада, поради тесниот резултат и бројките кои не дозволуваат такво нешто, а Зекири е убеден дека главните ривали кои владеа повеќе од една деценија нема да бидат во можност да формираат влада.

Во однос на предизборните ветувања на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за фер земја каде што Албанците ќе ги имаат правата загарантирани со Устав, како што е употребата на јазикот, Зекири е убеден дека тие не се трик за привлекување на гласовите и дека тој ќе биде силен глас на Албанците во СДСМ.

„Во моментот кога ќе забележам ретерирање, ќе зборувам јавно и нема да молчам, бидејќи не му должам никому. Јас со мојот кредибилитет сакам да помогнам за општо добро. Нема да дозволам целта за која се ангажирав во овој политички субјект да биде злоупотребена, да ме злоупотребуваат мене или гласачите што гласале за него“, изјави Зекири.