Зградата на Главната Пошта-Скопје на листата од 7 најзагрозени споменици во Европа за 2021

Сподели

 

Централната пошта во Скопје се најде на листата на најзагрозени споменици во Европа за 2021 година. Листата вчера ја објавија Eвропа Ностра – Европскиот глас на граѓанското опшество посветено на културното и природно наследство и партнерската организација, Институтот на Европска инвестициoна банка.

Целта на оваа листа на 7 -те најзагрозени за 2021 година е да алармира за сериозната закана со која се соочуваат овие локалитети – важни сведоштва за заедничкото минато, меморија и идентитет велат од „Европа Ностра“, чиј борд ја направил селекцијата за оваа година.

 

 

Изборот е направен врз основа на значењето на наследството и културната вредност на секое од местата, како и врз основа на сериозната опасност со која се соочуваат. Нивото на ангажираност на локалните заедници и посветеноста на јавните и приватните чинители за зачувување на овие места се сметаат за клучни додадени вредности. Друг критериум за избор е потенцијалот на овие локации да дејствуваат како катализатор за одржлив социо-економски развој, како и алатка за промовирање на мирот и дијалогот во рамките на нивните локалитети и пошироките региони.

Изградена во 1974 година, Централната пошта го претставува модернистичкиот бруталистички архитектонски стил на повоената ера. Таа е дело на ахтитектот Јанко Константинов.

 

Зградата преживеа голем пожар во 2013 година, но оригиналното стакло на куполата, муралите, како и мебелот и осветлувањето, биле целосно изгубени или претрпеле сериозни штети. Зградата денес е уште позагрозена поради неискористеност и влошување на состојбата“, стои во описот за Централната пошта.

„Целта на нашата листа е да го вклучиме алармот за сериозните закани со кои се соочуваат овие места. Од извонреден средновековен манастир до извонредна ренесансна градина, од индустриски и модерни градби до култни културни предели: овие места се важни сведоштва за нашето заедничко минато, меморијата и идентитетот. Во време кога нашиот континент доживува невидена криза, Европа Ностра сака да ја изрази својата солидарност и да им даде поддршка на локалните заедници низ цела Европа, кои се решени да ги спасат овие загрозени богатства. Преку нашата широка паневропска мрежа на членови и партнери, ќе мобилизираме разновидна експертиза и ресурси за да помогнеме во спасувањето на овие места, кои треба да бидат препознаени како моќни вектори на одржлив развој, како и витални алатки за мир и дијалог меѓу различните заедници. Заедно, можеме да го направиме тоа“, рече Гај Клаус, извршен потпретседател на Европа Ностра за време на онлајн настанот.