„Жените во лидерството и претприемништвото“ во Општина Карпош

Сподели:

Во просториите на Општина Карпош денеска се одржа панел-дискусија на тема „Жените во лидерството и претприемништвото“, реализирана од искусни тренери за бизнис-едукација од Know How Training Provider.

Во првиот дел од дискусијата, Павле Зимбаков ја презентираше актуелната состојба на жените на пазарот на трудот, осврнувајќи се на податоците за вработеноста, невработеноста, застапеноста во различни сектори и висината на платите. Модераторот Љупчо Велковски ја истакна важноста на стратегијата, доброто планирање и ефикасниот менаџмент како клучни предуслови за развој на успешен бизнис.

Посебно внимание привлекоа искуствата на Елена Виларова-Велковска, Ана Исаиева и Марина Топковска, кои ги споделија своите кариерни приказни, професионалните предизвици и пресвртните моменти што го одбележале нивниот развој како успешни менаџерки и претприемачки. Нивните искуства ја истакнаа важноста на истрајноста, самодовербата, континуираното учење и храброста за преземање нови чекори. Во втората панел-дискусија, под модераторство на Љупчо Велковски, учествуваа Јасмина Илиевска, Елена Виларова-Велковска, Ана Исаиева, Павле Зимбаков, Магдалена Спасовска и Билјана Караманолевска. Преку своите професионални искуства и различни перспективи, панелистите разговараа за можностите за развој на женското претприемништво, значењето на лидерските вештини и потребата од создавање поддржувачка деловна средина.

Настанот заврши со интерактивна дебата, во која беа разменети мислења и искуства, а беа упатени и важни пораки за поттикнување на женското лидерство и економската независност.

Заклучокот од дискусијата беше дека успехот бара посветеност, знаење, јасна стратегија и истрајност, но и еднакви можности и поддршка за жените да ги реализираат своите потенцијали.

Женското претприемништво и лидерство претставуваат значаен двигател на економскиот и општествениот развој. Панел-дискусијата испрати јасна порака дека женското лидерство и претприемништво се важен двигател на економскиот и општествениот развој.

Успешните приказни на жените лидерки се доказ дека со знаење, визија, храброст и истрајност може да се надминат бројни пречки, но и потсетник дека создавањето еднакви можности и поддржувачка деловна средина е заедничка одговорност.

Сподели: