По повод вчерашната јавна расправа во Собранието на Република Северна Македонија за предложените измени и дополнувања на Законот за пушење, изразуваме сериозна загриженост поради фактот што медицинските сестри не беа повикани ниту вклучени во процесот на јавната дебата, реагираат од ЗМСТАС – ЗА НАС.
“Иако медицинските сестри континуирано и активно учествуваат во креирање, спроведување и реализација на едукативни програми, превентивни активности и јавно-здравствени интервенции поврзани со намалување на пушењето и заштита на јавното здравје, нивното изоставување од ваква значајна расправа претставува сериозен пропуст.
Медицинските сестри се здравствени професионалци кои се во директен и секојдневен контакт со пациентите, семејствата и заедницата. Нивното практично искуство, професионално знаење и увид во реалните потреби и предизвици на терен се од суштинско значење при носење законски решенија кои имаат директно влијание врз јавното здравје.
„Медицинските сестри се незаменлив дел од здравствениот систем и носители на превентивните и едукативните активности поврзани со намалување на пушењето. Нивната секојдневна работа со пациентите и заедницата ни дава јасен и реален увид во последиците од пушењето и потребата од силни и применливи законски решенија.
Фактот што медицинските сестри не беа вклучени во јавната расправа за измените на Законот за пушење е загрижувачки и претставува пропуст кој ја осиромашува јавната дебата. Без нивниот глас, искуство и стручност, не може да се говори за вистински инклузивен и мултидисциплинарен пристап во креирањето здравствени политики.
Како Унија на ЗМСТАС, предводена од ЗМСТАС ‘ЗА НАС’, бараме активно, рамноправно и суштинско вклучување на медицинските сестри во сите идни процеси на носење закони и политики кои директно влијаат врз јавното здравје.“ – вели м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унија на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“.
Исклучувањето на медицинските сестри од вакви значајни процеси не само што ја намалува квалитетната мултидисциплинарна дебата, туку испраќа и порака за недоволно препознавање на нивната улога во превенцијата, промоцијата на здравјето и здравственото воспитување на пациентите и корисниците.
Апелираме до надлежните институции, како и до професионалните здруженија, во иднина да обезбедат транспарентен, инклузивен и одговорен пристап, односно навремено и суштинско вклучување на медицинските сестри во сите идни јавни расправи, учество во работни групи за подготовка и измена на здравствени закони, почитување на принципот на мултидисциплинарен пристап во креирањето здравствени политики со активно учество на медицинските сестри како рамноправни партнери во процесот.


