ЗНМ и СЕММ го претставија Регистарот на професионални онлајн медиуми

Сподели

 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска го објавија регистарот на професионални онлајн медиуми, кој има 70тина членки.

„Процесот е резултат на поширока дебата за потребата од адресирање на проблемите во сферата на работењето на онлајн медиумите, при што нашите две организации имаа активна улога, но и став дека саморегулацијата е најмоќното решение за поттикнување на професионалноста на медиумите не само во сегашните околности, туку и на подолг рок“, рече извршната директорка на СЕММ Марина Тунева, на денешната прес-конференција.

Постапката на креирање на Регистарот се одвиваше според критериумите усогласени меѓу СЕММ и ЗНМ по примери од практиката на развиените демократски општества и Советот на Европа, а беше консултирана и медиумската и бизнис заедницата во државата.

„Важно ни е да се разбере дека постојано, како и досега, ќе го набљудуваме работењето на медиумите и со тоа на веќе примените членки, па доколку се покаже дека во даден момент ги напуштиле принципите на Кодексот ќе бидат отстранети, а оние кои сега не се, а се покаже дека овој процес им помогнал да се подобрат и да работат во согласност со стандардите на професијата, ќе имаат можност да бидат примени во подоцнежните фази“, истакна Катерина Синадиновска, претседателка на Управниот одбор на СЕММ.

Иницијативата за креирање на Регистарот е поддржана и од Стопанската комора на Македонија. Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски објасни дека Регистарот ќе има широка примена, за бизнисмените тоа ќе значи заштита од уценувачите и непрофесионалните медиуми, а за граѓаните да ги препознаат медиумите кои што ги почитуваат стандардите, да знаат кому може да му веруваат, а чии информации да ги примаат со резерва. „Во контекст на изборите во државата, Регистарот ќе биде тест за политичките партии дали ќе се промовираат во професионалните онлајн медиуми или кон нивните ‘привезоци’“, потенцира Чадиковски.

На настанот беше упатен повик до граѓаните да поднесуваат жалби до СЕММ ако сметаат дека некој медиум ги прекршил стандардите. „Само на тој начин ќе се спречат пропагандистите и уценувачите да бидат дел од Регистарот“, објасни Чадиковски.

Потпретседателката на Стопанската комора на Македонија Јелисавета Георгиева – Јовевска објасни дека Регистарот ќе помогне на бизнис заедницата во препознавањето на професионалните онлајн медиуми, наспроти оние кои не ги исполнуваат критериумите за членство. „Креирањето на Регистарот е многу значаен момент за сите нас, затоа што е прв обид да се стави ред во медиумскиот простор. Стопанската комора во ова покажува дека во својата корпоративна општествена свест го има етаблирано и значењето на медиумите како значаен општествен чинител и коректив на власта“, истакна претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во видео-изјавата на настанот.

Од почетокот на јануари ќе биде во функција веб-платформата www.promedia.mk, на која ќе има детали за сите членки на Регистарот.

Во прилог на ова соопштение се наоѓа листата на сегашните членки на Регистарот на професионални онлајн медиуми.

Табела – регистар