Вести Македонија Ударни вести

ЗНМ: Средба со Царовска за стечајците од локалните радија

Сподели:

Претставници на Здружението на новинарите на Македонија и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска имаа работна средба со министерката за Труд и социјална политика, Мила Царовска. На средбата се разговараше за можноста новинарите стечајци од затворените локални радија да бидат опфатени со измените и дополнувањата на Законот за материјално обезбедување на стечајците.

Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ја запознаа министерката Царовска со нерешениот проблем со новинарите од локалните радио дифузери. Чаусидис и Селмани побараа од Царовска сериозно да се разгледа можноста овие колеги материјално да се обезбедат и со тоа да се исправи една голема неправда.

Претставникот на новинарите со статус на стечаен работник, Љупчо Јакимовски во детали и објасни на министерката за целата голгота низ која поминале колегите од 2008 година, кога на нетранспарентен начин избришале еден став од член на законот за радиодифузна дејност.

Министерката Царовска рече дека владата има политичка волја конечно да го реши прашањето со сите стечајни работници и вети дека сериозно ќе го разгледа барањето на ССНМ и ЗНМ и дека во најскоро време ќе ги извести за начинот на решавање на статусот на новинарите стечајци од затворените радија.

Сподели: